27.12.2022

Најдобар македонски тренер во машки младински лиги за 2022

Александар Јованчев:„Сите заедно да направиме оваа наша професија да биде култна“

Полека, но сигурно станува ‘експерт’ во оние помлади возрасни категории, особено во кадетските води.

Тој е и главниот виновник што Македонија има претставник во А дивизија на Европските младински првенства. Ја освои шампионската титула со Вардар во М14, но ги советуваше и колегите од останатите младински категории на клубот со црвено-црниот дрес од Скопје.

„Изминатата година ја имав таа чест откако сум тренер во КК Вардар да ја добијам најталентираната генерација, играчи родени 2008 година, која постоела. Бевме шампиони во лигата до 14 години, без пораз и со доминантна разлика. Освен тоа бевме и учесници на Европската младинска лига каде што стигавме до крајот, учествувавме на ‘фајнал-фор’ турнирот во Рига. Сакам да му се заблагодарам на клубот, на спонзорите, и на родителите кои многу добро се организираа , кои дадоа поддршка и да го реализираат сонот на децата,  да учествуваме на завршниот турнир.

Сакам да им се обратам и на сите останати, како долгогодишен тренер во младинските лиги и натпреварувања, и повеќекратен освојувач на трофеи и настапи на Европското првенство во 2018 година, ги гледам овде и претставниците на повеќе институции, би сакал да го слушнат мојот апел, и оној на кошаркарските клубови, до Агенцијата за млади и спорт, апел и до кошаркарската федерација, младинските тренери да добијат што е можно поголема поддршка, што е можно поголема тренерска едукација, и од оваа професија да правиме култ, за што повеќе луѓе и поранешни играчи да се бават со оваа професија, затоа што не има се помалку. И затоа сакам мојата идна важна награда, да ја добијам во конкуренција на сто поквалитетни младински тренери. Тоа е моето мото со кое живеам и работам во последните четири години, што јасно говори дека сакам да го работам овој спорт и дека ова треба да биде една значајна професија.

Би сакал да му се заблагодарам на моето семејство за подршката која што ми ја дава... На мојот син кој е тука, и кој секоја сабота и недела прашува ‘тато зошто не си дома’. И би сакал оваа награда да му ја посветам на мојот татко кој изминатата година извојува една голема победа во битката за животот“ - гласи емотивната порака на најдобриот тренер во машка младинска конкуренција за 2022 година.