Александар Кукриќ повторно е дел од националните селекции на Македонија. Во периодот кога на чело на нашиот национален тим беше Драган Бајиќ, популарниот „Профа“ се грижеше, и тоа мошне успешно, за кондициската подготовка на нашите сениорски репрезентативци.
А од денеска, практично е во една слична улога, но исто така, многу обврзувачка. Заедно со своите асистенти, да даде „своја“ поддршка на развој на најталентираните млади кошаркари во националните селекции на Македонија.
„Сакам прво да кажам дека ми е чест и задоволството што на повик на моите големи пријатели од Македонската кошаркарска федерација, предводена од претседателот Перо Антиќ, да бидам носител на еден ваков проект, преку кој, искрено се надевам, сите заедно ќе се обидеме да направиме некои нови, идни сениорски репрезентативци на Македонија.
Пред нас е еден долг, напорен пат, а на оние кои се вклучени во овој проект им останува да бидат максимално подготвени. Од сите оние кошаркарски аспекти, во обидите од нив да направиме подобри кошаркари, и пред се подобри личности, со свое влијание, и кои ќе има што да му дадат на овој популарен спорт“ – вели Кукриќ.
Професорот Кукриќ ги објаснува и целите на проектот:
„Основната цел на проектот е да се овозможи на талентираните млади кошаркари кои се дел од националните селекции да ги подобрат своите физички способности. Во поширока смисла, целта на проектот е обука на кошаркарски тренери за да ги совладаат основите на кондициската подготовка и да ја подигнат квалитетот на нивната работа во нивните клубови“.
Некогашниот кондициски тренер на нашата сениорска репрезентација во своите планирања овој проект го поделил на два дела:
„Првиот дел се однесува на проценка на тековната физичка подготовеност на талентираните млади кошаркари од националните селекции. Според резултатите од тестирањето кое го реализиравме во текот на денот, заедно со моите соработници, кои исто така се вклучени во овој проект на федерацијата, ќе го планира и програмира тренингот за најталентираните млади кошаркари овде. Планот и програмата на работа ќе бидат конструирани на месечно ниво, со можност за постојано онлајн-следење и комуникација со кошаркарите од страна на тренерот за кондициско вежбање и подготовка.
Во зависност од клупските обврски и индивидуалните потреби, ќе се програмираат кондициски тренинзи за секој кошаркар, а програмата ќе се испраќа преку интернет.
Освен тоа, на играчите ќе им се дадат основни препораки за исхрана, а на основа на резултатите од тестовите ќе се одреди индивидуален план за додатоци на исхрана на месечно ниво. Планот вклучува и една онлајн работилница со играчите на тема исхрана и ментална подготовка за тренинг и натпреварување“.
Но тоа не е се, Кукриќ вклучува и некои други активности во овој проект:
„Вториот дел на проектот се однесува на продолжителната обука на тренери и млади кошаркари. Во рок од една година се планираат три семинари за кошаркарски тренери кои се директно вклучени во работата со избраните талентирани кошаркари.
Целта на обуката е примарно да се поддржи основната цел, а тоа е подобрување на кошаркарските перформанси на младите кошаркари. Обуките ќе се одржуваат во соработка со учесниците (онлајн презентации или презентации во седиштето на федерацијата), а избраните теми ќе бидат во голема корист за тренерите во нивната идна работа“- дообјаснува еминентниот стручњак за кондициска подготовка.
НОТИРАНИ АКТИВНОСТИ НА ПРОЕКТОТ:
- Селектирање на млади кошаркари и презентација на проектот: Скопје 30. октомври 2023.
- Првото тестирање и мерење е предвидено за 30. октомври 2023.
- Анализа на резултатите и планирање на индивидуалната работа.
- Испраќање на програмата и постојано следење на работата на секој индивидуално.
- Контрола на тренингот од страна на тренерот за кондиционирање.
- Прва „работилница“ со спортистите на тема на исхрана 20. ноември 2023.
- Прва обука за тренери е предвидено за 18. декември 2023 година.
- Второто контролно мерење е предвидено за 22. јануари 2024.
- Втората „работилница“ со спортистите на тема на психолошката подготовка на спортистите-19 февруари 2024 година.
- Втората обука за тренери е предвидена за 18. март 2024.
- Третото контролно мерење е предвидено за 29. април 2024
- Третата обука за тренери е предвидено за 20. јуни 2024.
- Четвртото мерење и тестирање е предвидено за 19. август 2024.