30.09.2022

МЗТ Скопје Аеродром како „повратник“ во АБА лигата, ја стартува новата сезона со најтешкото гостување – кај шампионот

Александар Петровиќ пред стартот на АБА лигата: „Примарна цел ни е опстанокот“

Во пресрет на стартот на новата сезона во АБА лигата во која МЗТ Скопје Аеродром по четири години апстиненција се враќа во елитната конкуренција, македонскиот шампион одржа прес-конференција на која ги истакна целите.

Тренерот Александар Петровиќ е задоволен од својот состав и најави дека МЗТ Скопје нема да се задоволи со ништо освен тројна круна во домашната кошарка, и достојна презентација на македонската кошарка во натпреварите од АБА лигата која стартува денеска со натпреварот Задар- СЦ Дерби, од 18. часот

„Кажав дека МЗТ Скопје оваа година ќе ги напаѓа сите домашни титули, а примарна цел во АБА лигата е опстанокот. Ова натпреварување е меѓу трите најдобри во Европа. Веќе в сабота нè очекува дуел со Црвена Звезда, евролигашка екипа со голем буџет кој е можеби десет пати поголем од нашиот. Имаме и повредени играчи, одиме да се надигруваме и да уживаме“.

Екипата од „Јане Сандански“, која пред некој дена го одбрани трофејот во Суперкупот на Македонија, има неверојатно тежок распоред на почетокот на нивното „враќање на Јадранот“

„ Во првите пет кола имаме четири средби со главните претенденти за освојување на АБА лигата. Очекувам добра сезона, да нè служи здравјето, задоволен сум од работата на играчите на тренинзите и натпреварите. Единствено последниот тест со ПАОК паднавме, вчера го освоивме Суперкупот со добра игра во нападот. Ќе работиме повеќе на одбраната, очекувам добра сезона со надеж за помалку повреди“- посакува кормиларот на „металците“ кои се на пат за Белград.

Утре вечер од 20.часот, во салата „Александар Николиќ“ ги чека Црвена Ѕвезда, еден од топ-фаворитите за нова титула на Јадранот.

АБА ЛИГА - ДВОЈКИ 1. КОЛО

ДЕНЕСКА:

18.00: Задар - СЦ Дерби

1.ОКТОМВРИ (САБОТА):

16.00: Игокеа – Морнар

20.00: Црвена Ѕвезда – МЗТ Скопје Аеродром

2.ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА):

17.00: Цибона – Партизан

19.00: Будуќност – Сплит

21.00: Олимпија Цедевита – Борац

3.ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК)

18.00: ФМП – Мега