22.02.2021

„Јас сум разочаран, но истовремено сум многу горд на оваа група момци“- коментира селекторот по победата над Естонија (86:84)

Александар Тодоров по победата над Естонија: „Ние сме тие кои со две победи не одиме на ЕП“

Селекторот Александар Тодоров направи една анализа на натпреварот, истакнувајќи притоа дека е горд на своите избраници за покажаното, не само на турнирот во Перм.

„Го загубивме натпреварот во првото полувреме, кога дозволивме многу отворени шутеви на противникот. Потоа се обидовме да направиме нешто како вчера, но тоа не беше доволно. Се обидовме да се избориме за продолжение, но Естонија очигледно ја прочита нашата идеја, па почнаа и намерно да промашуваат шутеви на крајот.

Ние сме единствениот тим во овие квалификации кој со две победи не оди на Евробаскетот.

Лично, јас сум разочаран, но истовремено сум многу горд на оваа група момци бидејќи навистина успеавме да создадеме еден тим, но овој пат тоа не се покажа како доволно“.

Запрашан околу повредата на Нено Димитријевиќ и одлуката денес тој да стисне заби и да заигра, Тодоров истакна:

„За мене не беше тешко да го ставам Нено во игра. Тоа беше единствената можна одлука. Благодарен сум му нему и на нашиот медицински персонал кој успеа да го оспособи колку што тоа е возможно Димитријевиќ да настапи на овој натпревар кој беше од огромна важност за нас.

Само играчи кои се вистински патриоти и кои ја сакаат својата земја можат да го направат тоа. Тој се докажа и покажа дека е лидер на овој тим во следните 10 години. Го даде најдоброто од себе, со оглед на тешката повреда и играше со болки. Навистина сум му благодарен за неговата одлука“.