За прв пат, во рамките од „Б“ групата од квалификациите за ЕП 2022, Македонија ќе игра против репрезентацијата на Италија.
Актуелниот момент во светот, кој го „креира“ пандемијата од коронавирусот, и одлуката на ФИБА да се игра еден турнирски систем, ја однесоа нашата најдобра селекција во Талин. Местото каде денеска од 15.часот, според распоредот, доаѓа мечот против селекцијата на Италија.
Нашиот денешен противник е во една, може да се нарече, „комфорна зона“ која му ја дава фактот дека е еден од домаќините на наредниот собир на најдобрите европски кошаркари. И дека со тоа автоматски, има обезбедено место меѓу најдобрите европски селекции
Во исто време, уште подобра можност за нивниот селектор Мео Сакети, да комбинира, да пробува и некои други играчи кои треба да се иднината на италијанската кошарка, а без да загуби било што.
Но, тоа не им попречи на популарните аѕури да имаат и две победи на првите два меча во квалификациите. Беа сигурни со Русија, истото го повторија и против Естонија во Талин, каде стартува вториот квалификациски циклус, оној ноемврискиот.
И покрај петте измени кои ги направи Сакети за овој т.н. „балон“, нашиот селектор, Александар Тодоров е добро запознат со она што неговиот колега го има во овој момент на располагање.
„Свесни сме дека станува збор за силен противник кој во минатиот циклус со голема леснотија ги совлада и Русија дома и Естонија во Талин. Седум од основните осум играчи кои настапија на тие два натпревари се тука. Затоа може да очекуваме идентичен стил на игра како во февруари. Направивме анализа, подобро речено, скаутинг. Верувам дека ќе најдеме одговор за нивната игра. Без разлика што играме против фаворитот број 1 во нашата група, со сигурност нема да излеземе ниту со преголем респект кон противникот, а најмалку со кренато бело знаме. Впрочем, синоќешната победа над Данска против огромниот фаворит Литванија, и тоа на домашен терен, ни дава за право да се надеваме на добар резултат. Доколку го сопреме нивното најсилно оружје, а тоа е шутот за три поени, пред сè, на четворицата нивни најдобри играчи, Дела Вале, Морети, Витали и Ричи. Фактот дека Италија е директно пласирана на ЕП им дава можност да играат без голем психолошки притисок, слободно, со многу шутирање, дури и во транзиција, затоа нашиот главен фокус треба да биде токму во таа насока“ - анализира Тодоров.
Во меѓувреме нашиот стручен тим, иако некомплетен во Талин, со помош на современата технологија, ја подготвуваше основната идеја, како да се дојде до успех против една селекција која е постојано во врвот на европската кошарка.
„Овде имавме простор да работиме во комплетен состав, што не беше случај на оние тренинзи во Скопје, кои беа подготовка за овие овде. И можам да кажам дека веќе ја имаме онаа основна идеја за тоа како сакаме да изгледаме и како да се надополниме на оние неколку дефицитарни позиции. Иако имавме многу проблеми при селектирањето на 12. играчи, сепак исклучително сум задоволен од нивното залагање на тренинзите. Во моменти кога владее пандемија, и кога можеа да решат да седат дома, и да не ризикуваат со патување илјадници километри, овие 12 момци покажаа и карактер и патриотизам, за што сум им навистина благодарен. Се надевам дека за сето ова ќе бидат наградени со добар резултат и на двете средби во Талин“.
Се надеваме дека по толку многу поминати километри за да се стигне во престолнината на Естонија, Македонија ќе може да го направи првиот победнички чекор во групата „Б“ од квалификациите за Европското првенство во 2022 година.
„Ако не постоеше шанса да победиме, немаше да патуваме за Талин, туку ќе останевме во Скопје и секој ќе си играше домашна лига. Сите се соочуваме со ковид-проблеми, но ФИБА оцени дека мора да се игра. Дојдовме тука, ќе се надигруваме со противниците. Амбицијата кај нас секогаш постои, затоа што се игра за репрезентација и за еден циклус од шест натпревари во кои нема многу време за тактизирање. Во 2020 година во Европа секој игра кошарка, нема слаба селекција. Во која група и да бевме, со кого да се падневме, секој меч ќе беше тежок. Естонија ја има предноста кога е домаќин, но ние и така ќе моравме да одиме во Талин да победиме. И тие имаат свои проблеми, еднакво големи како нас. Ќе видиме“- смета предводникот на нашиот најдобар репрезентативен состав.