25.12.2019

АЛЕКСАНДАР ТОДОРОВ ПРОМОВИРАН ВО НОВ СЕЛЕКТОР НА СЕНИОРСКАТА СЕЛЕКЦИЈА:  Една заедничка цел – пласман на Евробаскетот

Александар Тодоров и официјално е новиот селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија.

 

На посебна прес конференција, раководството на нашата федерација го промовираше актуелниот тренерски предводник на Крајова, Александар Тодоров како десетти домашен селектор во историјата на нашата кошарка, а вкупно четиринаесетти откако се игра репрезентативна кошарка во нашата земја.

„Сакаме да дадеме едно официјално видување за она што ќе се случува во наредните година и пол дена“- уводот го направи спортскиот директор на федерацијата, Тодор Гечевски.

„Преговорите со Тодоров траеја речиси месец дена. На крајот најдовме заеднички јазик и сите имаме иста цел, пласман на наредното Европско првенство, и враќање на македонската кошарка на големите натпреварувања“- и му го препушти зборот на сега веќе новиот македонски селектор.  

„Го познавам Тодор Гечевски уште од 1995 година, а за прв пат го слушам како зборува ‘скопски’“- се пошегува Тодоров.

„ Значи денеска во принцип ќе дадам еден краток вовед, а потоа сум отворен за сите прашања.

Некои работи веќе се објавија. Некои беа на ниво на шпекулација,некои беа точни. Околу основната концепција, околу составот на репрезентацијата, лично сметам, и наидов на подршка за тоа, ова е еден момент во кој освен барањето за пласман на ЕП, треба да се изврши и едно подмладување на репрезентацијата. Особено затоа што имаме неколку генерации кои успешно се натпреваруваат на европските првенства за разлика од досега, каде имавме проблеми на тие ЕП. Исто така имаме неколку млади играчи кои успешно натпреваруваат и во домашното првенство и во странство.

Нормално, подмладување на репрезентацијата кај сите вас, нормално и кај мене, предизвикува звучи како некое алиби. Апсолутно не зборуваме за алиби туку зборуваме за една потреба да се даде шанса на тие деца кои многу скоро за три-четири години ќе дојдат на сцената и ќе бидат ‘костур’ на репрезентацијата.

Имаме два натпревари, на 20. февруари против Естонија и на 23. во Русија. Нашиот натпревар на домашен терен ќе се игра во салата „Борис Трајковски“. Подготовките започнуваат на 12. февруари, со еден заеднички собир. Тренинзите започнуваат на 13 февруари, со една интенција и повеќе моја желба, на 16 февруари да одиграме еден натпревар од затворен тип. Да не биде оној дуел со Естонија каде прв пат како ќе функционираме заедно“.

 

 

Што се однесува околу стручниот штаб Тодоров појасни некои работи:

„Што се однесува по тоа прашање, тука со нас е Ѓорѓи Кочов од МЗТ Скопје Аеродром. И во стручниот штаб ќе имаме уште три тренери чии имиња ќе бидат соопштени во текот на наредната недела, одосно по празниците. Односно кога ќе имаме и официјална дозвола од нивните клубови.

Во стручниот штаб, за оној кондициски дел, односно она за и околу потребната рекуперација ќе биде задолжен еден тренер од Турција, кој пред 13 години, две сезони настапуваше за мојата екипа во Анкара. Ерен Ханѓун, тренер на Банвит, од минатата година, претходно во Ескишехир, и тренер на селекцијата на Турција ‘Под 18’ години, а своите почетоци како кондициски тренер ги имал во Фенербахче. Дипломиран тренер, со стручно усоврување во САД кое го завршил во 2015 година.

За оној психолошки дел од подготовките ќе биде задолжена професорката, Др Ленче Алексовска-Величковска. И за видео координатор Никола Велев од МЗТ Скопје Аеродром“.

 

Тоа е оној стручен дел од тимот, додека пак за оној лекарскиот потврдата ја даде спортскиот директор на националниот тим, Тодор Гечевски.

„Што се однесува за тој дел, јасно е дека во тимот се претседателот на медицинската комисија на федерацијата, Др. Николиќ, како и физиотерапевтите кои долги години работат, се вклучени во работата со националниот тим, Михаило Маноилов и Ненад Попоски“.

Ѓорѓи Кочов ќе биде најблискиот соработник на новиот селектор во стручниот штаб.

„За мене претставува огромна чест да бидам дел од националната селекција. Преговорите траеја доста кратко. Особено што ми се јави мојот поранешен тренер Александар Тодоров, кој исто така, доста го ценам за и околу неговата работа. Мислам дека имаме добра шанса да ја оствариме таа примарна цел, да оствариме пласман на Европско првенство. Останува да видиме што и како ќе биде“- посака Кочов.

 

Во врска со настапот на странските играчи Тодоров ги тргна сите дилеми, барем за февруарскиот прозорец на ФИБА...

„Согласно со пропозициите на ФИБА, во овој момент единствено може да се користат странци кои досега настапувале за македонската репрзентација, бидејќи ФИБА предвидува еден период од три месеци од моментот на издавање на пасош до првиот официјален натпревар. Период, оној временски кој ние го немаме. Така да во февруарскиот циклус ќе располагање со Шејн Витингтон како прва опција, а со кого веќе претседателот на федерацијата и спортскиот директор разговара, и очекуваме на 12 февруари да пристигне во Скопје“- објаси Тодоров со забелешка од директорот Гечевски дека во тие разговори Витингтон израл посебна подготвеност да се појави на собирот во Скопје најрано што може, со дозвола на клубот. Да го даде својот максимум, да и помогне на оваа екипа за да ја постигне својата цел.

 

Што предвидува договорот на Тодоров со федерацијата...

„Во случај на пласман на Европското првенство, соработката ќе трае до 2025 година. Односно два ФИБА циклуси, еден за пласман на Светскиот Куп во 2013 година, а другиот за пласман на ЕП во 2025 година“.

 

На претседателот Перо Антиќ му беше упатено прашањето дали морало и зошто дошло до промена на селекторската позиција. Односно која е е суштинската разлика меѓу Јорданчо Давитков и Александар Тодоров

„Прво и основно, Јорданчо Давитков не беше сменет. Туку неговиот договор со федерацијата беше истечен. Ние таа ‘традиција’ не ја следиме. Во однос на тоа дека со промена на раководството не треба да се менува и тренерот, ако може да се каже така. Ние сакаме да му дадеме шанса на нов тренер и тренери кои долги години работат надвор од државата, и кој има големо искуство. Едноставно кажано, Тодоров има големо искуство. Ние по советување со други лица, сите заедно, одлучивме дека е вистински момент Александар Тодоров и неговиот стручен тим да ја превземат репрезентацијата“- објасни првиот човек на федерацијата.

 

Свое видување за изборот на Тодоров, имаше и спортскиот директор, Тодор Гечевски.

„Ацо Тодоров е присутен во европската кошарка, додека претходниот Јорданчо Давитков е надвор од таа кошарка, а ние се бориме за настап на ЕП. Начинот на игра на нашата репрезентација е сосема европски, затоа и тоа видување на работите е дел од изборот на Тодоров за нов селектор“.

 

За шансите за пласман на Евробаскетот во 2021 година, Тодоров даде свои размислувања.

„Да, апсолутно, кошаркарски, спортски гледано, Естонија е нашата шанса. Гледано ‘неспортски’, шансата е нели, Русија да не добие право на настап, па да влеземе директно на Европско првенство, а како евентуална замена. Но знаејќи колку јас лично немам среќа, не очекувам тоа да се случи. Па затоа ќе треба да играме кошарка, нели? Естонија е противник кој веќе го имамве како противник во минатиот квалификациски циклус, кој некаде како сила е на некое наше ниво. Проблемот со Естонија е што и тие имаат нов селектор. Јука Тоијала, Финец, кој две години по ред беше тренер во романската Стеауа. И тие говорат за некое подмладување на екипата, и тие сеуште го немаат официјалниот список. Па така на тој натпревар во Скопје, ниту тие ќе знаат нешто повеќе за нас, ниту пак ние за нив. Како анализа и скаутинг, сем вообичаените за одредени индивидуални карактеристики на играчи. Мора да имаме во предвид дека селекцијата на Италија како еден од домаќините на наредниот Евробаскет, е директно квалификуван, и е непознато дали ќе настапуваат со најсилниот состав ил ипак не. Секогаш постои тој ризик една од силните селекции да загуби против условно кажано послаб противник. Оттука отпаѓа и она дека мора по секоја цена да се бара победа изразена со што поголема разлика во дуелите со Естонците“.     

 

Кога станува збор за најавеното подмладување Тодоров даде конкретни имиња...

„Еве да одговорам и на тоа прашање, и нормално дека има прашања на таа тема. Досега јас и спортскиот директор Гечевски раговараме со голем број од играчите. Списокот од 24 имиња кои влегуваат во конкуренција, би требало да го имаме и дадеме на почетокот на новата година. И веднаш ќе биде достапен за сите. Меѓутоа оние играчи со кои досега разговараме се: Ненад Димитријевиќ, Андреј Магдевски, Кристијан Николов, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Стојан Ѓуроски, Андреј Јакимовски, Марко Миловановиќ, Андреј Маслинко, Шејн Витингтон. Говорено е и со Предраг Самарџиски, но со него немаме позитивен одговор да се врати и да настапува во овие квалификации. Ќе се најдат уште некои играчи кои успешно настапуваа во оние У 16 и У 18 години. Играчи како Лука Савичевиќ и Виктор Исајловски. Секако и како доста помладите играчи, оние од У 16 селекцијата, со сигурност Теодор Симиќ и Андреј Митревски, кои ќе бидат наградени за сето она што го презентираа во изминатиот период. Тоа е тоа што во овој момент го имам како перцепција. Тоа се 15-16 имиња, и сигурно е дека нема да ви бидат потребни дополнителни моменти на имагинација за да го надполните до крајната граница“- издиктира Тодоров.

 

Македонија влегува во квалификациите без никакви калкулации. Без разлика на некои „надворешни влијанија“, околу тоа дали противниците ќе играат со најсилните ростери или пак ќе бидат со оние т.н.„ комбинирани селекции“. Особено ако се земе в предвид дека Италија има виза за ЕП, и може да експериментира во оние квалификациски натпревари од нашата група.