Александра Стојановска е најдобрата кошаркарка во Македонија за 2022 година.
Апсолутно заслужено ако се земе в предвид сето она што го „заработи“ во текот на изминатите 12 месеци, како во домашното првенство, така и со настапите во ВАБА лигата, како и игрите во нашиот женски сениорски национален тим.
„Благодарност до нашата федерација, што секоја година успешно го организира овој настан и ги наградува најдобрите во кошарката, давајќи мотив плус за уште понапорна работа. Воедно, благодарност до сите кои гласаа за мене и одлучија оваа награда да оди во мои раце“.
Стојановска, која моментално настапува за еден грчки прволигаш, направи и една мала ретроспектива на одработеното во календарската година.
„Пред се, сакам да кажам дека за овој мој успех најзаслужни се девојките од Бадел 1862, потоа, мојот тренер Перо Стамески, комплетниот стручен штаб, давајќи ми неизмерна поддршка во минатата сезона. Би сакала да кажам дека досега е и најдобра сезона во моја кариера, во која беа вклучени и настапите во Јадранската лига каде што направивме неочекуван историски успех, како за клубот, така и за македонската кошарка. Но исто така и домашното првенство кое беше на едно доста високо ниво, со доста неизвесен крај, во кој ние како тим успеавме да го крунисаме со титула. Дефинитивно, тоа беше сезона на која сите љубители на кошарката ќе се сеќаваат со задоволство. Благодарам на моето семејство кое е секогаш тука за мене и ми даваа сила да се борам за она што го сакам, и да напредувам во тоа што моментално го правам“- потенцира Стојановска по добивањето на заслуженото признание, најдобра во 2022 година.