Тргна по стапките на неговиот постар брат, и не погреши. Беше дел од кадетската селекција на ЕП во Италија, е составен дел од екипата на Феникс 2010, во сениорска, но и во младинска конкуренција.
И на сите три полиња имаше забележителен успех...
Со соиграчите од кадетската репрезентација, Амар Хот обезбеди опстанок. Им даде шанса на некои други македонски репрезентативци да заиграат во елитната кадетска европска конкуренција.
Со екипата на Феникс 2010 заигра во Втората лига. Беше на добар пат да обезбеди место во македонската елитна лига.
Со своите врсници од генерацијата 2003 беше на пат да обезбеди нов пласман на завршниот турнир, и битка за нов златен медал во младинска конкуренција.
Но, сите тие негови, и обидите на неговите соиграчи беа сопрени во средината на март. Епидемијата, која подоцна стана пандемија на коронавирусот, ги прекина сите активности на младиот репрезентативец.
Што прави Амар Хот низ овие денови на пауза, предизвикани од пандемијата на короновирусот?
„Бидејќи се затворени сите сали за вежбање, а и фитнес-центрите,тренирам дома, два пати дневно. Како сам, така и онлајн, со тренерот Денис Дервишевиќ, кој и во оваа ситуација ни посветува огромно внимание и ни дава мотивација. Со оглед на тоа дека во нашата куќа имам мини-терен за кошарка, го користам тоа време се повеќе да си унапредам сопствените вештини. Но и да се дружам со пријателите, макар што теренот и играта многу ми недостасуваат“- признава 200 сантиметри високото крило на Феникс 2010 и на селекцијата „Под 16“ години.
За прв пат во кариерата почувствува како е да се игра сениорска кошарка?
„Многу ми е голема чест и задоволство што можев да заиграм во сениорска лига на толку млади години. И плус тоа, во иста екипа со мојот брат Елвис Хот. Чувството е неверојатно добро, тренираш и се развиваш со поискусни од тебе, и учиш дефинитивно како да се снајдеш и во други ситуации на терен. А таа шанса ја нема секој, па треба паметно да се искористи“.
Како си задоволeн од оваа сезона, прекината поради „виша сила“?
„Ме разочара ситуацијава, најмногу поради тоа што штотуку почнавме да се искачуваме на табелата за да влеземе во Прва лига, и имавме големи планови за освојување на првото место, а во нашата генерација 2003, бевме први. И ова ни беше да се докажеме дека сме уште посилни. Но тоа е што е, засега. Се надеваме на уште подобри резултати во следната сезона“.
Поради пандемијата нема да го играте Европското Првенство?
„Ситуацијава предизвикана од пандемијата доста ни ги смени плановите. И жал ми е што нема да можеме да се натпреваруваме на ЕП оваа година. Моите очекувања и желби беа многу големи, затоа што верував дека можеме да влеземе во ‘А’ дивизија, а следната година и да ја задржиме позицијата со мојата генерација, или да се бориме за некој медал, уште еден успех во нашите кариери“.
Како понатаму, кои се твоите идни планови откако ќе се нормализира ситуацијата?
„По завршувањето на вонредната ситуација т.е. пандемијата, подготвуваме нови идеи и планови за реализација. Продолжуваме со појаки тренинзи и нови цели за постигнување. Планирам во својата рутина да внесам и индивидуални тренинзи со тренерот Денис Дервишевиќ. Да работиме на анулирање на сите мои недостатоци, а во исто време да ги зајакнам и дополнително обликувам сите свои квалитети“- планира Хот.