Македонија ќе игра против Чешка во големото финале на ЕП од Дизивијата „Б“ кое вечерва со дуелот закажан за 21.часот, во Спортскиот центар „Борис Трајковски“се затвора во Скопје.
Двете екипи кои беа дел од групата „А“ успеаја да стигнат до она што веројатно го планираа, макар и во размислувањата, да бидат во големото финале, а во исто време да ги одиграат оние последни 40.минути од турнирот без дополнителен „товар“ затоа што победите во полуфиналето ги промовираа овие две селекции во учесници во оној „А“ сегмент на ФИБА во категоризацијата „Под 20“ години во машка конкуренција.
На огромна радост на целата македонска спортска, пред се кошаркарска јавност, затоа што по долги години (уште по 2006 година, на ЕП во Лисабон) една наша селекција „Под 20“ години, успеа да обезбеди место во елитните 16 селекции во Европа.
Пред големото финале, селекторот Никола Василев открива дел од тајните на успехот:
„Главната сила на оваа репрезентација е колективот, способноста да одиграме ‘сите за еден“. Одлично се движиме низ целиот овој процес, напредуваме од натпревар во натпревар, нашата игра се крева на се повисоко ниво. Тактички и физички сме добро подготвени за овој напорен турнир, ни останува уште на финалето да прикажеме уште една добра партија и да стигнеме до пехарот што го посакуваме“.
Сега, практично се тргнува од почетокот...
Македонија го отвори турнирот со мечот против Чешка. Македонските младинци и ќе го затворат шампионатот во нашиот главен град, повторно со Чешка, но сега во некои малку поинакви околности, во битката за златните одличја.
„Среќни сме за победата против Украина во полуфинлето. Но реално, немаме многу време за славје бидејќи пред нас е нов предизвик, големото финале во кое ќе атакуваме на нова победа. Клише е ако се каже дека добро се познаваме со Чесите, не само што игравме во првото коло, кое е сега далеку зад сите нас. Важеа за фаворити, го оправдаа тоа. Но и ние не сме го кажале својот последен збор“ - вели селекторот на младинската репрезентација на Македонија.
Амар Хот, беше и остана еден од оние без кои практично и не може да се замисли играта на нашиот младински состав и на овој турнир. Го потврди тоа високото крило и на полуфиналниот меч со Украина, стигна до уште еден двоен ефект, и даде голем придонес во големиот успех, односно пласманот во финалето и место во „А“ Дивизијата.
„Со оваа победа влеговме во А-дивизијата, но тука не застануваме, одиме по пехарот.. Се надевам дека тој ќе заврши таму каде што припаѓа. Ја повикувам цела нација, сите да дојдат да нè поддржат. Македонија има генерации и генерации фантастични кошаркари. Треба да продолжиме по истиот пат... Верувам дека ќе бидеме достојни наследници на Перо Антиќ, Војдан и Дамјан Стојановски“ – искрен е Хот по големата победа над Украина.
Верува дека тимската игра на Македонија ќе биде исклучителен фактор и во последниот натпревар на првенството.
„Клучот за нашите победи е нашата тимската игра, нашата тимската хемија, нашиот стручниот штаб. Работевме напорно цел месец, и мислам дека апсолутно го заслуживме ова. Ќе играме во финалето најдобро што знаеме и умееме. Да, многу ќе ни недостасува Андреј Митревски, но оние кои ќе играат, ветувам, ќе го остават срцето на теренот“ – порачува големито борец пред финалето, против селекцијата на Чешка.