06.11.2024

„Ги поканувам сите наши симпатизери, љубителите на женската кошарка, во четврток да дојдат во ‘Кале’ “...

Анџелика Митрашиновиќ: „Сакаме победа против Украина, за тоа ни е потребна и поддршка од публиката“

Извесно е дека од Анџелика Митрашиновиќ ќе со чекува и најмногу во наредните два меча од квалификациите за Евробаскетот во 2025 година. Така беше и во претходните два, веројатно така ќе биде и во оние кои следуваат во наредниот ФИБА „прозорец“.

На средбите со Србија и Португалија, стигна до просечни 20.поени, како и 5.5 асистенции, а слични бројки се очекуваат од нашиот репрезентативен бек и на средбите со Украина и Португалија во Скопје.

„Нов прозорец, нова авантура за нас. Уживање е да си биде дел од националниот тим, и да се бранат боите на нашата нација. Нė очекуваат два натпревари на домашен терен со Украина и Португалија, натпревари во кои нė очекува голема возбуда“ – вели извесно, нашиот најголем адут пред средбите кои следуваат оваа седмица.

Првата е во четврток вечер (18.часот), во СРЦ „Кале“, против репрезентацијата на Украина.

„Сакам да одиме чекор по чекор... Прво ни доаѓа репрезентацијата на Украина, која, иако во претходниот циклус имаше два порази, добро знаеме за каква екипа се работи. Тим во кој овојпат во составот ќе биде и Алина Јагупова, една од најдобрите европски кошаркарки“.

А за да се биде подобар од подоброрангираниот противник (33.позиција во светот) на нашите најдобри кошаркарки ќе им биде потребна и поддршка од трибините...  

„Нешто најважно за нас ќе биде поддршката од трибините. Затоа повикувам, ги поканувам сите наши симпатизери, љубителите на женската кошарка, во четврток да дојдат во СРЦ ‘Кале’, и да ни ја дадат истата. Се надевам дека ќе возвратиме со одлична игра во која ќе уживаат, и искрено верувам, дека на крајот ќе излеземе со позитивен резултат од овој натпревар“- вели Митрашиновиќ пред утрешниот дуел со Украинките.