Еден дел, една фаза, онаа групната е зад нашите јуниори. Пред нив веќе од денеска, следува онаа одлучувачката, нокаут-фазата во која секоја грешка скапо се плаќа, вреди секој посед, се брои секој поен...
Македонија против Португалија, вечерва од 18.30 часот во СРЦ „Кале“ (влезот е слободен), тргнува во четвртфиналната пресметка во која победата води во полуфиналето и места кои водат во елитното европско јуниорско друптво.
Селекторот Горан Андреевски само накратко се враќа на она што беше на последниот меч од првиот дел, оној во кој стигнавме и до петтиот по ред успех...
„Натпреварот со Украина ни беше, би рекол, од формално значење, можеби затоа имавме мало опуштање, но на крајот се си дојде на своето место, победивме“- вели Андреевски.
На ред е елиминацискиот дел од шампионатот, а првата пречка се селекцијата на Португалија?
„Да, сега следува она вистинското, НОКАУТ ФАЗА и БОРБА ЗА МЕДАЛ. Португалија е незгоден противник има квалитетни бекови кои играат брза кошарка, како во одбрана така и во напад. Ако успееме да ги сопреме нивните бекови и да им ја успориме играта ќе имаме позитивен резултат“.
Петте победи само ја подигнаа атмосферата во тимот. А предводникот на нашиот јуниорски тим очекува сето тоа да се пренесе и на гледалиштето во СРЦ „Кале“.
„Немаме простор да размислуваме на ништо друго, освен на победа. Очекувам огромна поддршка од трибините и се надевам празнично ќе се радуваме сите на уште една победа“- посакува Андреевски пред досега најважниот меч за него и неговите избраници на првенството во Скопје.