03.08.2023

„Во оваа екипа има, како искусни, така и млади играчи кои што сме желни да се покажеме“- смета крилото во нашата најдобра селекција

АНДРЕЈ АНДОНОСКИ:„Желни сме да се покажеме, и да направиме успех“ (ВИДЕО)

Долго време ја чекаше својата шанса во МЗТ Скопје Аеродром. Се чини ја доби кога требаше, во финишот на сезоната, а дојде со промената на тренерот во нов-стариот шампион на Македонија.

Добрите игри пак му донесоа и повик на младиот крилен играч за присуство на подготовките на сениорскиот национален тим ова лето, и место во оние „последни 12“ кои овој викенд ќе бидат на „контролите“ во Белград, односно пријателските натпревари (5. и 6.август) против селекцијата на Полска.

„Добиваме шанса за да се покажеме и во сениорскиот тим. Во оваа екипа има, како искусни, така и млади играчи кои што сме желни да се покажеме. И дека доколку добиеме шанса, можеме да направиме успех“- вели Андоноски.

Во овој августовски подготвителен „турнус“ друштво му прават уште некои млади играчи од неговата генерација (2002 година), како Марко Миловановиќ, но и нешто „помладите“ Петар Бошалески и Теодор Симиќ.

„Повеќето од нас добро се знаеме. Имаме играно и во некои претходни циклуси од прет-квалификациите. И дека овој период е доволен за да се соединиме. Имаме и некој нов план кој што треба да ни донесе успех“- вели младиот крилен играч во нашата најдобра селекција.