22.04.2020

Андреј Јакимовски конечно е во Македонија: Само дома си е дома!

„Поинакво, поубаво е чувството кога си дома“- гласи првиот коментар на младиот репрезентативец по доаѓањето во Македонија.

 

А додека да дојде до Струга каде доби „сместување“, Андреј Јакимовски поминал низ едно вистинско патешествие.

„Не би сакал да се навраќам на тоа. Ми требаше цел ден да се транспортирам од Торино до Венеција. Поради ситуацијата, практично не сообраќаат возовите во Италија, зборувам за оние редовни линии, па мораше да користам алтернативни транспортни решенија. Успеав во тоа. Некако стигнав до аеродромот во Венеција и со хуманитарниот лет на Владата на РСМ, долетав до Охрид“- појаснува играчот на второлигашот Торино Баскет во оваа сезона.

 

Иако не дојде до родната Крива Паланка, кај Јакимовски е присутно задоволството и со самото тоа што е во родната земја.

„Поинакво е чувството кога си дома, мислам во Македонија. Тоа ме водеше по патот од Торино кон родната земја. Сите кои бевме во овој авион нè донесоа во Струга, поточно во хотелот ‘Дрим’. Тука ќе бидам во наредните три недели. Од кои причини е овој престој продолжен, навистина не знам. Првично бевме информирани дека карантинот ќе трае 14. дена, но не испадна така“- реагира Јакимовски.

 

А не е малку, зад него ќе биде период од повеќе од два карантински месеци.

„Тоа се околу 65.дена, многу, навистина многу. Но најважно е сите заедно да го надминеме сето ова кое ни донесе многу проблеми и во приватниот и во оној професионален дел од животот. Но млади сме, има уште многу натпревари пред нас. Ќе издржиме“- гласи пораката на најдобриот млад играч во Македонија од карантинската соба во Струга.