26.06.2022

„Резултатите можеби нема да ги видиме сега, но важно е сите помладите да почнеме од некаде и да градиме тим“- вели нашето крило

АНДРЕЈ ЈАКИМОВСКИ: „Мора да покажеме зошто сме тука“! (ВИДЕО)

Долго време Андреј Јакимовски чека(ше) да се врати во сениорскиот национален тим. Обврските кои ги имаше „преку барата“ не му даваа многу можности да продолжи со играње за нашата најдобра селекција. По настапоте пред две години против Естонија во Скопје, младиот крилне кошаркар е одново со сениорите.  

Го искористи првиот слободен момент по враќањето од САД, да му се придружи на нашиот национален тим во подготовката за двата дуели од квалификациите, против Шпанија и Украина.

И не го крие задоволството што е дел од репрезентацијата.

„Конечно по долг период можам да играм за сенорскиот тим. Огромно задоволство е да се игра за репрезентацијата и тоа е предизвик. Немаме притисок, на нас ни останува да го дадеме најдоброто од себе и да го дадеме максимумот од себе, а за резултатите ќе видиме“.

Овие мечеви се добра шанса за играчите кои „доаѓаат“, а еден од нив е тому и Андреј Јакимовски.

„Имаме доста млад тим, но мора да покажеме зошто сме тука. Резултатите можеби нема да ги видиме сега, но важно е сите помладите да почнеме од некаде и да градиме тим“.

Првиот меч е против најдобрата слеекција во светот – Шпанија?

„Со актуелниот светски шампион ќе видиме до каде сме, првиот натпревар е против таа силна Шпанија, но ние нема предвреме да се предадеме“- порачува крилото на нашата најдобра селекција.