26.08.2020

Најголемиот македонски талент утринава, со лет преку Истанбул, замина за САД кои се следна станица во неговата кошаркарска кариера.

Андреј Јакимовски полета кон американскиот предизвик со порака: „Секогаш сум спремен да играм за Македонија“!

Во новата сезона Андреј Јакимовски ќе игра во НЦАА лигата, во тимот на Вашингтон Стејт Универзитетот. Понудата од овој колеџ беше една од многуте кои пристигнаа на нашиот репрезентативец откако последните години ги помина во Италија.

Неодамна промовираниот сениорски репрезентативец ги доби потребните документи од американската амбасада, и денеска замина за главниот град на САД.

А со оглед на тоа дека Јакимовски за ден-два веќе ќе биде во САД, селекторот Александар Тодоров пред извесен период изрази стравување дека нема да го има на располагање во следните четири години, односно додека трае неговото студирање.

Како еден од носителите на младиот бран во македонската кошарка, заедно со Ненад Димитријевиќ, многу е важно тој да биде на располагање на стручниот штаб нашиот национален тим.

За македонската кошаркарска јавност најважен е неговиот настап во репрезентациите – сениорската и онаа за играчи „Под 20“ години.

А за овој нов момент во неговата кариера, младиот кошаркар вели:

„Добив ветување од сите структури на Универзитетот дека имам дозвола да бидам со репрезентацијата во квалификациите за Европското првенство 2021. За следниот ФИБА ‘прозорец’ веројатно нема да има никаква дилема за мое играње за националниот тим затоа што ќе се игра во ноември, а НЦАА лигата, најверојатно, ќе стартува дури во јануари. Може да ги пропуштам последните два квалификациски дуела, но и за тоа можеме да разговараме ако постои простор. Во оваа прилика, сакам уште еднаш да им се заблагодарам на сите во нашата федерација, пред сè, претседателот Перо Антиќ, спортскиот директор Тодор Гечевски, за сè што во изминатиов период направија за мене“.

Кај Андреј не постојат никакви дилеми околу настапите во националниот дрес...

„Секако, особено инсистирам да играм на Европското младинско првенство од  ‘Б’ дивизијата идното лето, затоа што тоа ќе биде мој последен настап во младинските селекции на Македонија. И повеќе од сè затоа што сакам да го заокружам со успех, односно пласман во елитната конкуренција“- планира Јакимовски.

На почетокот на летото тој постигна договор со Вашингтон Стејт Универзитетот каде ќе го продолжи своето усовршување, а многумина во тоа гледаат прв чекор кон НБА лигата.

„Во САД многу повеќе се работи на физички план, елемент кој мене ми недостасуваше во Италија и кој сметам дека уште повеќе ќе ја подобри мојата игра. Освен тоа, можам да работам на индивидуалните квалитети. Ќе имам личен тренер и се надевам дека во иднина ќе бидам уште подобар. Воодушевен сум од условите што ги има Вашингтон Стејт Универзитетот, тоа е нешто што го бара секој професионален кошаркар во оваа почетна фаза од професионалниот дел од кариерата“- додаде 19. годишното репрезентативно крило, пред да полета кон новиот предизвик во кариерата, оној американскиот.