Не требаше да помине многу време за Андреј Јакимовски да го добие потребното медиумско внимание. По доаѓањето во Вашингтон, младиот Македонец полека но сигурно, почна да ја импресионира кошаркарската јавност, пред се во оној регион во и ококу главниот град на САД.
Неговата нова, одлична игра, но и четврттата победа за тимот за кој настапува, Вашингтон Стејт, беа причина плус микрофоните да бидат усмерени токму кон нашиот млад репрезентативец.
„Работам напорно, секој ден. Освен тоа тренерот ми дава неверојатна доверба. Би рекол, ова беше прашање на време, да играм добро, да победуваме, затоа сум среќен во овој момент“.
Имате перфектен старт, односно (4-0) на почетокот на сезоната?
„Стартувавме лошо против Ајдахо. Не реализиравме многу обиди од поле, но потоа беше многу подобро. Кога почнавме да погодуваме, беше многу подобро. Тоа ми даде уште поголема самодоверба. Морам да кажам дека после секој натпревар, останувам во сала, вежбам шут. Сметам дека тоа е добра работа, особено за еден ‘фрешмен’ кој доаѓа од Европа, каде стилот на игра е малку поинаков од овој овде. Се игра побрзо, со многу повеќе физички контакти“.
Како да се одржи таа самодоверба, беше следното прашање кое новинарите му го поставија на нашиот интернационалец.
„Нема некоја филозофија. Спремни сме за работа. Уште утре изутрина влегуваме во сала, и тренираме најдобро што можеме. За да бидеме подобри од што бевме денеска. И да бидеме подготвени за она што следува во недела“.
Факт е дека последните натпревари ги решивте во своја корист во последните пет минути?
„Да, тоа е ‘продукт’ на нашата голема самодоверба. Среќен сум што имам такви соиграчи. Ми помогнаа многу, како на тренинзите, така и сега, на натпреварите. Ми влеаја доверба плус во моите можности. Нема лесни натпревари, но ние игравме добро“.
По само неколку месеци престој во Вашингтон, видливо е дека брзо си го пронајде своето место во тимот на „Кугарс“?
„Се чувствувам комфорно. Работам секојдневно, и после овој натпревар, да не се повторувам, навистина чувствувам многу поголема самодоверба“.
Надвор од кошарката, не е лесно за еден млад играч, особено ако се знае дека дојде во еден нималку добар момент, поточно за време на Ковид19?
„Да, ова е една сосема поинаква култура во однос на онаа во Италија, каде што бев до скоро, или во Македонија. Еден посебен животен стил, тука во школото, тоа се многу важни работи. Што се однесува до временските прилики, мислам дека е слично како она во она мало гратче, кај мене дома“ – го заклучи со насмевка, интервјуто пред американските новинари нашиот млад кошаркар.