02.04.2021

Овој викенд, во Индијанаполис ќе стане јасно кој ќе биде новиот шампион во НЦАА лигата

Андреј Jакимовски прогнозира: „Би сакал да освои УКЛА, но Гонзага изгледа непобедливо“!

Иако можеби и пред време, или прерано ги завршија своите настапи со Универзитетот Вашингтон Стејт, Андреј Јакимовски будно ги следи случувањата во НЦАА лигата. Особено оние во „мартовското лудило“ кое е пред својата завршница.

Овој викенд, во Индијанаполис ќе стане јасно кој ќе биде новиот шампион во НЦАА лигата.

Нашиот млад репрезентативец вели дека е тешко да се погоди победникот, но има свои очекувања од последните мечеви, поточно „фајнал-фор“ турнирот во НЦАА лигата во „градот на трките“.

„Она што на почетокот сакам да го коментирам е дека оваа сезона, особено финалниот ‘бракет’ покажа дека мојот Вашингтон Стејт играше во најсилната конференција во НЦАА лигата. Кога го говорам тоа, мислам на фактот дека дури три тима се пласираа во ‘финалните осум’. А некои од нив, како УКЛА,  ќе играат и на ‘фајнал-форот’, и ќе се борат за титулата“ – вели нашиот репрезентативец.

Без оглед на тоа што се води како „руки“ играч, Андреј е доста добро запознат со квалитетите на четирите екипи-финалисти.

Иако во Америка како главен фаворитот за трофејот се споменува Гонзага, Јакимовски смета дека кога се играат вакви шок-мечеви, не може да се издвои фаворит.

„Би сакал да освои УКЛА, затоа што бевме подобри од нив во регуларниот дел од првенството. Но пред себе Универзитетот од Лос Анџелес има една непобедлива екипа каква што оваа сезона има Гонзага. ‘Булдозите’ прикажаа најмногу досега. Но кога се овие нокаут-натпревари се е многу потешко. Сите четири екипи тргнуваат со некои 25% на шанси за титулата. Оние кои ќе победат во полуфиналето, ќе ги покачат на 50%. Тешко е да се прогнозираат мечевите од финалниот турнир. Но кога инсисгирате, мислам дека Гонзага и Бејлор се најблиску до финалето. Сепак ова е ‘мартовско лудило’, ништо не се знае однапред. И вистинска штета е што нема да има навивачка атмосфера која знаат да ја креираат фановите на четирите еипи финалисти“ – додава нашиот млад репрезентативец.

Инаку, ова ќе биде турнир на кој „најискусна“ од четирите екипи е УКЛА. А за да дојде до првата титула по 1995 година, ќе треба прво да ја прекине победничката серија на Гонзага, а потоа да триумфира во финалето, против подобриот од дуелот меѓу Бејлор и Хјустон.

УКЛА е единствената екипа од овие што ќе учествуваат на завршниот турнир, која има титула во НЦАА во својата историја. Гонзага има едно финале (2017 година), Бејлор исто така едно (1948), а Хјустон две (1983 и 1984). Завршниот турнир се игра од 3. до 5. април во Индијанаполис.

Јакимовски ќе остане во САД и по крајот на „мартовското лудило“...

„Моите планови се да учам, и да тренирам до првата половина од мај. Се надевам дека ќе се видиме во Скопје некаде во средината на следниот месец. Исто така, се надевам дека ова лудило кое трае и предолго, полека ќе се смири, и дека ќе можеме да работиме во една нормална атмосфера. Силно сакам да се собереме, одново да бидам дел од националниот тим. Од раководните структури на Универзитетот добив уверување дека ќе бидам ослободен од обврските во август, кога ќе се играат претквалификациите за Светскиот Куп. Се подразбира дека претходно со другарите од младинската селекција  ќе пробаме да обезбедиме пласман во А Дивизијата на ЕП за кошаркари ‘Под 20’ години“- порачува „рукито“ на „Кугарс“.

НЦАА ЛИГА - ФИНАЛЕН ТУРНИР

ПОЛУФИНАЛЕ (3.АПРИЛ):

Бејлор – Хјустон

Гонзага – УКЛА