22.06.2020

Нашиот репрезентативец се одлучи за „американскиот сон“, да студира и да настапува за еден од најдобрите тимови во НЦАА лигата.

Андреј Јакимовски тргнува по стапките на Клеј Томпсон, ќе учи и игра на Вашингтон Стејт

Еден од најталентираните македонски кошаркари, Андреј Јакимовски, својата кариера ќе ја продолжи во НЦАА-лигата откако ги прифати условите да замине на Универзитетот Вашингтон Стејт.

Крилниот кошаркар во последните години со голем успех настапуваше во Италија, каде во младинските лиги имаше и неколку извонредни партии.

„Уште како дете мојот сон беше да настапувам и да играм кошарка во САД. Тоа е земјата која што има најдобри тренери и каде што се игра најдобрата кошарка во светот“ - вели нашиот млад репрезентативец.

Јакимовски во оваа средина доаѓа на барање на тренерот Кајл Смит, за кого ова ќе биде прва сезона како предводник на популарните „кугарс“.

„Верувам дека Вашингтон Стејт ќе ми помогне да го остварам мојот сон и да станам одличен кошаркар. Тие ми нудат можност да се градам како личност, спортист и студент“- појаснува довчерашниот играч на Торино Баскет, кој во февруари дебитираше и за нашиот сениорски национален тим.

Вашингтон стејт настапува во квалитетната ПАК-12 дивизијата, а најпознат кошаркар кој излегол од овој универзитет е фантастичниот шутер на Голден стејт вориорс, Клеј Томпсон.

„Андреј е играч што го следиме повеќе од една година. Му понудивме можност да игра во шампионската конференција, да добие добро образование и диплома, тоа е нешто што не можеше да го одбие. Тој е многу квалитетен кошаркар кој може да настапува на четири различни позиции. Беше доминантен на натпреварите против своите врсници. Во исто време се наметна како лидер во македонската младинска репрезентација. Исто така, Јакимовски е и добар ученик, има позитивен карактер и сигурно добро ќе се вклопи во нашата програма“- коментира тренерот на Вашингтон Стејт, Кајл Смит.

Јакимовски веќе беше гостин на Универзитетот Вашингтон, на почетокот од оваа година, кога имаше и средби со поранешниот играч на овој тим Клеј Томпсон.

Сениорскиот репрезентативец би бил втор Македонец во НЦАА идната сезона, по Кирил Панов кој пред извесно време ја прифати понудата од Мисисипи.

Му посакуваме успешна кариера „преку барата“ на најдобриот млад кошаркар на Македонија за 2019 година!