22.02.2020

Андреј Кириленко за Македонија: Тоа е типична ју-школа на кошарка

Пред некој ден, Андреј Кириленко, наполни 38.години. И наместо да биде на свечена вечера, руската легенда беше на тренингот на „зборнаја“.

 

Доволно за претседателот на Руската кошаркрска федерција да даде едно поопширно интервју, меѓу другото и кои се неговите очекувања за дуелот со селекцијата на Македонија.

„Онака, што се вели,  ’на хартија’, можеби изгледаат послабо, но тоа е југословенска школа на кошарка, каде што секој знае што и како да игра. Понекогаш, тие потсетуваат на оној источно европски стил на игра. Значи паметна кошарка, многу асистенции и добар шут.

Секако многу работи ќе зависат од нашата селекција на дуелот во Перм, сигурен сум дека публиката ќе го ’вози’ нашиот тим кон успехот.

Од друга страна пак, тоа е дополнителен притисок. Има доста промени во составот, и на играчите инм е потребно време за да ја почувствуваат силата на публиката и да се справат со притисокот. Би им порачал да бидат отворени и релаксирани“- порачува Кириленко пред неделниот меч во „Молот“ Арената во Перм.

„Калашњиков“ не сака да се прават споредби со дуелите кои овие две селекции ги одиграа на Евробаскетот 2011 година во Литванија. Посебно оној за бронзениот медал, кој беше решен со поените на Сергеј Биков (сега во улога на асистент-тренер на селекторот Сергеј Базаревич).

„Ова не може да се споредува со 2011 година, или било кое друго старо натпреварување. Селекцијата која се спремаше за Светскиот Куп 2019 година, играше против Босна и Херцеговина, и загуби. Босанците и Македонците имаат сличен стил на игра. Но во многу ситуации, реков, ќе зависи од нас. Композицијата на рускиот тим се менува постојано. За жал, многу играчи не се дел од овој ’прозорец’. Сега гледам многу нови лица во тренинг кампот, и би им посакал да играат добра кошарка. Да ги демонстрираат квалитетите поради кои и се повикани во рускиот национален тим“- посака Кириленко, кој заедно со своите соработници го одбрал Перм уште еднаш поради одличната подршка која ја имаше „зборнаја“ на претходните квалификациски мечеви, како и на подготвителниот турнир “Куп на Русија“.