04.08.2023

„Најбитно е да се покажеме во добро светло, без разлика на резултатот, и да се вратиме дома сите здрави“- смета искусниот бек

АНДРЕЈ МАГДЕВСКИ:„ ‘Контролите’ со Полска, добра прилика да видиме до каде сме и колку можеме“

Од 9 до 10.30 часот, работеа денеска во СРЦ „Кале“ нашите најдобри кошаркари. А половина час подоцна веќе беа во автобус, кој треба да ги однесе до Белград, каде во наредните два дена ќе ги имаат двете проверки во периодот на подготовките пред оној „главен настан“ – олимписките претквалификации во Талин.

Како спаринг партнер за овие тест-натпревари, нашиот стручен тим, предводен од селекторот Александар Јончевски, посака и доби да биде една од најдобрите европски селекции во овој момент – Полска, четврттопласираната на последниот Европски шампионат.

Одлична можност за проверка на моменталната форма во која е нашиот сениорски состав:

„Нè очекуваат два пријателски натпревари против Полска која ја победи Словенија лани на ЕП, што значи дека ова ќе биде вистински испит пред тоа што ни следи. Одиме во изменет состав, спој на искусни и млади играчи и ќе видиме до кај сме со нашата моментална форма. Најбитно е да се покажеме во добро светло, без разлика на резултатот, и да се вратиме дома сите здрави“ - посакува еден од поискусните играчи, секако според „стажот“ во националниот тим, Андреј Магдевски.

Согласно договореното, натпреварите помеѓу репрезентациите на Македонија и на Полска ќе се играат во спортскиот центар „Ранко Жеравица“во Белград. Првиот меч е закажан за 5.август (сабота), со почеток од 18.часот). А по кратко време за одмор, во недела на пладне, од 12.часот, на истото место ќе се игра и вториот натпревар, по што нашата експедиција се враќа во Скопје каде ќе ги одработи последните денови од подготовките пред заминувањето за Естонија, планирано за 10.август..