Со оглед на тоа дека Ненад Димитријевиќ остана во Скопје, и не беше во комбинација за вечерашниот меч во Перм, јасно беше дека селекторот Александар Тодоров ќе му додели многу поголем број на минути на Андреј Магдевски. И тоа како стартен плејмејкер на дуелот со „зборнаја“.
А бекот на МЗТ Скопје Аеродром одговори сосема добро. Остана на теренот во „Молот“ Арената повеќе од 30.минути. И притоа дојде до повеќе од солиден ефект, изразен преку реализација на 14.поени (6/8 од поле), имаше и шест скока и четири успешни додавања пред да ја направи петтата лична грешка.
Но тоа не го направи во целост задоволен, од причина што нашата селекција беше на чекор до изненадување, но не го реализира тоа. Но има јасна порака:
„Со ваква игра како денес, и како во второто полувреме со Естонија можеме да се надеваме на пласман на ЕП. Денес покажавме цврста игра и карактер. Но за жал одлучија детали за овој пораз. Треба да се верува во овој тим. Не е ништо завршено ќе се бориме до крај“- порача Магдевски по дуелот со Русија, и една од неговите најдобри игри во сениорскиот дрес на Македонија.