27.11.2020

„Прв пат се соочуваме со ваква ситуација, сигурно не е лесно. Но како за сите, така и за нас“- вели веројатниот стартер во нашиот тим

Андреј Магдевски уверен во нашите квалитети:„Нема да биде лесно, но во Талин нема да се откажеме“!

Полека, но сигурно, као што тоа обично се вели, Андреј Магдевски, станува составен дел на нашата сениорска репрезентација. А многу извесно дека во наредниот период, пред сè, мечевите на турнирот во Талин, ќе бидат уште еден предизвик за нашиот репрезентативен бек.

Нема да биде никакво изненадување доколку дуелите со Италија и со Естонија ги започне во стартната петорка на „црвено-жолтите“.

Свесен е Магдевски за актуелниот момент во кој се наоѓа нашата репрезентативна селекција

„Прв пат се соочуваме со ваква ситуација, сигурно не е лесно. Но како за сите, така и за нас. Во Естонија дојдовме во доста изменет состав во однос на претходниот ФИБА прозорец, но нема да се откажеме. Сигурно ќе бидеме потценети од страна на другите репрезентации, и тоа мора да го искористиме на најдобар начин. Имаме кратко време во Естонија да се запознаеме со Вајли. Но убеден сум дека ќе ни помогне. Долго време е во Европа и игра на највисоко ниво, додека за Војдан нема што да се каже. Сите го знаеме неговиот карактер и посветеноста спрема репрезентацијата“- искрено говори, сега веќе, еден од поискусните наши репрезентативци.

Во сабота, од 15.часот, нè чека и првиот меч во овој циклус од квалификациите. Противник ни е селекцијата на Италија, исто така со доста променет состав во однос на оној февруарскиот?

„Иако не играат во најсилен состав, никако не смееме да мислиме дека Италијанците немаат квалитет. Напротив, најголем дел од нивните играчи играат во италијанската ЛЕГА А, што значи дека пред нас имаме противник за полн респект. Но и екипа со која можеме да пробаме да извадиме поволен резултат“- смета Магдевски.

За разлика од Италија, за нас Естонија е доста попознат ривал. Впрочем со нив игравме во Скопје, во меч кој нема да го паметиме по добро, особено првите 20.минути од играта.

„Естонците добро ги познаваме. Со нив е потребно да играме со многу енергија во одбраната, со паметна игра во нападот... И да не ‘изгориме’ од желба за победа, како што ни се случи во Скопје“- смета нашиот репрезентативец пред стартот на оној официјален дел од турнирот во Талин.