12.07.2024

„Системот е таков, секоја победа те води поблиску до потцртаната цел“ - порачува нашиот млад репрезентативец

Андреј Шошкиќ пред стартот на ЕП: „Дојдовме во Гдиња да обезбедиме континуитет на играње во елитната конкуренција“

Андреј Шошкиќ е еден од оние неколкумина играчи кои учествуваа во обезбедувањето на место кое ја донесе нашата младинска репрезентација на овој Евробаскет во Полска.

Како дел од ланската генерација која стигна до второто место на шампионатот во Скопје, во која беа и капитенот Теодор Симиќ, Тома Стојаноски, Петар Бошалески, младиот бек потенцира дека би било навистина добро Македонија да го задржи тој континуитет на играње во најквалитетното натпреварување, односно во Дивизијата „А“.

„Дојдовме во Гдиња со една таква цел – да оддржиме еден континуитет на играње во оваа силна конкуренција на репрезентации кои се постојани членки на ‘А’ Дивизијата. Свесни сме за предизвикот кој е пред нас. Уште во онаа групна фаза се соочуваме со, и тоа како, квалитетни противници. На почетокот нė чека Шпанија, веројатно и една од репрезентациите кои важат како топ-фаворити на првенството. Следува дуел со Турција, на крајот, и натпреварот против Белгија. Веројатно, ако говориме за шансите за успех, мислам дека и тука некаде треба да ја бараме нашата, да пробаме да оствариме успех, кој ќе ни овозможи нешто ‘полесен’ распоред, ако воопшто може да се зборува за такво нешто. Системот е таков, секоја победа те води поблиску до потцртаната цел“ – вели Шошкиќ.

Дополнува дека оваа селекција го дочекува шампионатот во одлично расположение, и што е поважно подготвена за она што следува од сабота навечер, односно дуелот со фаворитот во групата „Ц“ – Шпанија.

„Имавме краток период за подготовките за ова првенство. Но мислам дека сме доволно подготвени за да се бориме за успех на секој натпревар. Очекувам да сме сите на максимум, и да дадеме се од себе за што е подобар пласман на првенството во Полска“ – додава нашиот млад репрезентативец пред почетокот на шампионатот.

КАКО ПО ПРВАТА ФАЗА

„Вкрстуваме“ со група во која се Литванија, Словенија, Исланд и Црна Гора

Системот за натпреварување и на ова првенство кое стартува во сабота, вели дека во зависност од резултатите во групната фаза, ќе бидат формирани и двојките за наредниот, прв елиминациски круг.

Македонија е дел од групата „Ц“ во која за противници ги имаме селекциите на Шпанија, Турција и Белгија. И во зависност од исходот, односно по одигрувањето на трите натпревари во групната фаза, ќе го знаеме и патот кој треба да ја одреди и судбината на тимот кој го предводи селекторот Боро Смилковски.

Согласно со „костурот“, групата „Ц“ во која е нашата младинска репрезентација, во следниот натпреварувачки круг ќе „вкрсти“ со групата „Д“, во која се националните тимови на  Литванија, Словенија, Исланд и Црна Гора.

Во една од овие четири селекции треба да се бара и името на нашиот противник во можеби и решавачкиот натпревар на првенството. Затоа што евентуален триумф во првата елиминациска фаза, води во ТОП 8, односно пласман во горниот дел од табелата, и осигуран опстанок во „А“Дивизијата.