16.09.2020

„Имаме за цел да ја започнеме, но и да ја завршиме сезоната, по секоја цена“- вели бројот 1 во московска ЦСКА

Андреј Ватутин со предупредување: „Евролигата може да престане да постои доколку оваа сезона не биде комплетирана“

Претседателот на ЦСКА од Москва, Андреј Ватутин вели дека Евролигата прави сè за да ја започне и заврши сезоната 2020-2021.

Бројот 1 на руската кошаркарска централа од Москва додаде дека конкуренцијата може да престане да постои доколку претстојната сезона не биде завршена како што беше случај со минатата сезона.

„Евролигата вложува максимални напори сезоната да започне и да се заврши“- рече Ватутин за „Спортацентс“. „Речиси е сигурно дека ќе има многу фактори надвор од кошарката: презакажување и откажување на игри, позитивни тестови на вирус и технички порази. Развиени се кризни и медицински регулативи, сите клубови се во близок контакт со организаторите“.

Од таа причина Ватутин смета дека Евролигата мора да биде одиграна, по секоја цена.

„Ако поради некоја причина сезоната не е завршена, ризикуваме да го загубиме целиот турнир. Затоа, имаме за цел да ја започнеме, но и да ја завршиме сезоната по секоја цена“- смета првиот човек на ЦСКА, и додава:

„Се подготвуваме за најлошото, се надеваме на најдоброто“.