Некогаш македонската кошарка го имаше Зоран Златевски, еден од најдобрите во оној сегмент кој се нарекува врвно судење. За жал, Зоран одамна веќе не е со нас. Но за среќа, како и тоа да звучи, го имаме неговиот наследник.
Андреј Златевски продолжува онаму каде што застана неговиот татко. Од пред извесно време може гордо да каже дека е судија со знакот на ФИБА.
Го достигна врвот во судењето на само 28 годишна возраст, згора на тоа и како носител на дипломата софтверски инженер.
Во двоец со својата колешка, Ема Никочевиќ, ја помина онаа „обука“ на судискиот департмент на ФИБА, па веќе од оваа сезона може да очекува и евро-номинации.
И повеќе од доволно да се „претстави “ себеси, онака „во кратки црти“, и пред нашата кошаркарска јавност...
Каква е твојата кошаркарска „позадина“?
„Бев кошаркар пет години пред да станам судија, играв како бек-шутер, бек поентер, тоа сега така се опишува во модерната кошарка. Тоа беше онаа почетна фаза што се нарекува младинска кошарка“.
Кога започна со судењето?
„Кариерата како судија ја започнав во 2010 година. Почнав да судам на највисоко ниво во сезоната 2017/2018. Минатата сезона водев околу 60 натпревари со ‘тројца судии’ и околу половина од нив на највисоко ниво“.
Кои се вашите силни страни како судија?
„Јас ја сакам кошарката. Исто така, сакам да гледам и да судам кошарка. Мислам дека ова ми дава сила да ги разбирам сите актери на теренот, во добра физичка форма сум, по природа сум одлучувачка личност и секогаш се трудам да дејствувам позитивно со сите, да ги наречам, ‘засегнати’ страни. Мислам дека сум добар во комуникацијата, но сепак мислам дека има простор за подобрување на ова поле. Исто така, мислам дека можам да се подобрам во делот за ментална подготовка пред натпреварот“.
Кое е вашето најдобро искуство како судија?
„Секое искуство поврзано со кошарката за мене е многу убаво и пријатно. Ја сакам таа можност, ‘службата’ во судиската организација ми дава простор да запознавам нови луѓе. Да стекнам нови пријатели од целиот свет“.
Кое е вашето најлошо искуство како судија, и како успеавте да се справивте со тоа?
„Како судии, нашата работа има многу пријатни моменти, но понекогаш може да биде навистина тешко да се справиме. Кое е најлошото искуство што некогаш сум го имал како судија? Би спомнал еден натпревар кога сум бил уште млад и ситуација во која имаше обид од еден играч да нападне еден од моите колеги. За среќа навреме ја откривме ситуацијата и успеавме да го запреме играчот“.
Сега, откако станавте судија на ФИБА, која е вашата цел во судењето?
„Што и да правам во животот, се трудам да го направам на најдобар можен начин. Така, мојата цел е секогаш да се трудам да бидам најдобрата верзија од себе. Секој ден се обидувам да научам нешто ново. Ја добив целосната поддршка од Одделот за судии на ФИБА Европа додека бев на пат да станам ФИБА судија. Сега кога станав дел од семејството очекувам оваа соработка да продолжи на изедначено, повисоко ниво и можам да продолжам да се подобрувам секој ден“- вели новиот носител на т.н. „бела“ судиска лиценца на ФИБА.