21.07.2021

Утре и задутре, кадетите ќе одиграат две контролни средби со селекцијата на Хрватска

Апостолски Лечиќ: „Прв чекор кон формирање на ростерот“

Нашата машка селекција на играчи „Под 16“ години денеска тргна за Дарувар, каде утре и задутре (од 18.часот), ќе одигра две контролни средби против репрезентацијата на Хрватска.

Првите проверки против силна селекција ќе ги дадат следните насоки на стручниот штаб на нашата селекција „Под 16“ години.

„Моментално сме во, би ја нарекол, втора фаза од подготовките која опфаќа и одигрување на првите контролни натпревари. За таа цел, во следните два дена, во еден комбиниран состав, на играчи родени 2005 и 2006 година, ќе ги имаме првите проверки во подготвителниот период. Две ‘контроли’ на кои сакаме да дадеме шанса на сите играчи, се со цел да направиме што е можно подобра селекција за ‘Челенџерот’ во Скопје“- појаснува селекторот на овој наш национален тим, Андреј Апостолски Лечиќ.

За двата пријателски натпревари во Дарувар, селекторот одбра 12. кошаркари. Но тоа не е и дефинитивниот ростер за она што следува на собирот во Скопје.

„Секако, во наредните денови чекаме на приклучување на уште неколку играчи кои дополнително ќе ја зголемат конкуренцијата во нашата репрезентација за турнирот во Скопје“ – додава Апостолски Лечиќ пред тргнувањето за Хрватска.