Сениорките не успеаја да ја изненадат силната селекција на Босна и Херцеговина. Не ги искористивме до крај своите шанси, особено оној период во кој гостинките играа без својот најдобар играч, момент кој и го потенцираше селекторот Александар Ашаданов на прес-конференцијата по завршувањето на средбата во СРЦ „Кале“.
„Сакам да им честитам на противниците за победата, а и на моите кошаркарки за прикажаната игра. Игравме против Босна и Херцеговина, но и против најдобриот играч во светот. Видовме како се претставија на ЕП и знаевме дека ќе биде тежок натпревар. Искрено имавме шанса кога Џонс имаше четири лични грешки, но не ја искористивме. Ни ја зголемија разликата и тоа е тоа.
Ако сме комплетни во наредниот ‘прозорец’ верувам дека ќе бидеме подобри. Јас сум тренер којшто сака да победува. Не можам да се радувам на поразот, но не можам ниту да сум разочаран. Овие девојки се едно семејство кое дава се од себе и ќе го докаже тоа во иднина“- гласат првите импресии на Ашаданов по вториот неуспех во ноемврискиот прозорец на ФИБА.