24.11.2022

„Евидентно е, во нашата игра дека ни недостасуваше вистински организатор на играта“ - коментира селекторот по поразот од фаворитот

Ашаданов: „Ова е реалност, уште потешко се игра без најдобриот против топ репрезентација како Белгија“

По убедливиот пораз, на селекторот Александар Ашаданов не му преостана ништо друго освен да му честита на далеку поквалитетниот противник. Белгија потврди дека е веројатно и фаворит за место кое води на Евробаскетот во 2023 година.

„Ова е некоја, би ја нарекол, сурова реалност. Игравме против еден, за нас, пресилен противник. Селекција која е одлично покриена на сите позиции, има одлична ротација, и која веројатно до крајот на квалификациите ќе ги добие сите натпревари, вклучително и наредниот со БиХ. Евидентно е во нашата игра дека ни недостасуваше вистински организатор на играта. Се обидовме да го надополниме отуството на нашата најдобра кошаркарка. Но видливо беше дека тоа тешко ни оди. Без квалитетен плејмејкер, е двојно потешко и за другите. Немам замерки, Белгија е едно ниво над нас, и за нас останува да пронајдеме начин како да ја поправиме играта пред наредниот дуел, оној со Германија во Скопје“ – искоментира кратко македонскиот селектор по завршувањето на средбата во Ловен.