На нецели две недели од почетокот на завршниот турнир од Лигата на Шампионите, ситуацијата во Грција, односно Атина како град-домаќин на „Фајнал-Ејт“ е далеку од оптимистична.
Влошената здравствена ситуација, особено во главниот град, и се поголемиот број на заразени луѓе од КОВИД-19, ги тераат челниците на ФИБА на сериозни размислувања.
Што и како со завршниот турнир?
Кога Атина беше избрана да го нагости осумте најдобри, се водеше сметка натпреварите во „ОАКА“ Арената да бидат со присуство на публика, со најмалку 30% пополнетост на капацитетот (од 18.000 седишта).
Но, сега се поставува прашањето дали воопшто турнирот треба да се организира во Атина. Дури и да се игра, извесно е дека оние осум мечеви би биле без присуство на фановите, што носи дополнителни проблеми за водечките луѓе на ФИБА.
Играње без публика е најлошото можно сценарио и за организаторот на турнирот, локалната заедница на областа Атика која е еден од ко-финансиерите на овој настан, а каде веќе се откажани сите музички настани планирани во Арената.
Во теорија, постои можност турнирот да биде релоциран, а како опции се споменуваат Шпанија, па дури и Чешка.
Сценарио кое во ФИБА е најмалку посакувано. Оттука наредните десетина дена ќе дадат одговор на прашањето, каде, како и во кои услови ќе се игра турнирот на кој ФИБА треба да го промовира новиот шампион.