25.09.2021

„Баделки“ беа многу подобри и поспремни од Баскет КАМ, на премиерата од ова натпреварување, славеа со убедливи (88:72)

Бадел 1862 е прв освојувач на Суперкупот „Драган Василов Цевка“

Кошаркарките на Бадел 1862 се освојувачи на првиот трофеј наменет за победникот во Суперкупот, кој од оваа сезона ќе го носи името на „Драган Василов Цевка“.

Во премиерната и историска пресметка во ова натпреварување, која претставува вовед во новата натпреварувачка сезона, „баделки“ беа подобри од својот голем ривал, Баскет КАМ.  

БАСКЕТ КАМ – БАДЕЛ 1862      72:88

Актуелните шампионки подобро го отворија премиерниот натпревар од Суперкупот во женска конкуренција.

Кошаркарките од Македонска Каменица поведоа со (6-0) по нецели три минути од играта. Не долго потоа, имаа и (9:2) кои го натераа тренерот на „баделки“, Стамески на минута одмор. Доволно да намалат на (10:12).

Тројката на кадетската репрезентативка, Николов, го врати Баскет КАМ на (17:12). Но и последните три минути од првиот период, поминаа во знак на Бадел 1862, чии кошаркарки, со голема помош од Стојановска (даде десет поени) отворија нова серија, по која на крајот на првата четвртина поведоа со (22:19).

По поените на Трајчевска, имаа и највисоки (24:19). На почетокот на вториот период играта беше изедначена. Но само до средината од тој дел од суперфиналето.

Бадел 1862 продолжи во исто, ефикасно темпо. Во 17.минута имаше и двоцифрена предност (40:30). Но тука не застанаа избраничките на Перо Стамески. Дојдоа и до уште поубедливо водство (47:30).

Полувремето го затворија со резултат (49:33).

На расположената Стојановска, во тој период и се приклучи Кметовска. Довчерашната кошаркарка на Баскет КАМ нанижа дури 15.поени.

На другата страна, по 20.минути игра, Кубира-Адамс имаше 12 а Алексиќ уште 10.поени.

Ниту оние задолжителни 15.минути пауза не донесоа промена во играта на овој натпревар за паметење, прв во ова натпреварување во женска сениорска конкуренција.

Екипата на Бадел 1862 година, која за разлика од противникот, во текот на летото, не направи сериозни промени во ростерот, продолжи со ефикасната игра. Како одминува минутите, така растеше и предноста на девојките во „сино-жолта“ комбинација. Имаа и повеќе од 20.поени „вишок“,  (66:46) со кои се влезе во последната минута од третата четвртина.

На истекот на 30.минути, Бадел 1862 водеше со (66:50). Но со секоја одмината минута, беше евидентно дека скратената ротација која во овој момент ја има  Баскет КАМ не може да го издржи темпото на играта, уште помалку на резултатот.

Бадел 1862 година влегува во историјата, како прв освојувач на Суперкупот „Драган Василов Цевка“!