22.05.2022

Финална серија ПЛЖ 2021/2022 Бадел 1862 - Баскет Кам 2011 3-1

Бадел 1862 е шампион во Прва лига - жени за  2021-2022

По две сезони, онаа со прекинот предизвикан од пандемијата со COVID-19 и онаа во која титулата им се 'испушти' од раце, кошаркарките на Бадел 1862 го вратија шампионскиот трофеј во своите клупски витрини. Избраничките на Перо Стамески, уште еднаш предводени од извонредната репрезентативка Александра Стојановска, го запишаа третиот триумф во финалната серија над шампионот од ланската сезона, Баскет Кам 2011 овој пат со 71-77. Претходно, Баделки славеа со 73-56 и со 68-69 додека во првата шанса за шампионска титула триумфираа кошаркарките од Македонска Каменица со 74-73.

Александра Стојановска се закити и со признанието најкорисен играч. На овој натпревар репрезентативката запиша 27 поени и шест асистенции. Седум поени помалку за Бадел 1862 на овој натпревар постигна Матхеу. Двоцифрена со 12 поени беше уште една репрезентативка во жолто синиот дрес, Нена Трајчевска.

За таборот на Баскет Кам 2011 на денешниот натпревар, последен за оваа финална серија, Алексиќ постигна 25 поени, 18 придодаде Пуљизовиќ.