12.08.2021

Своето официјално деби на клупата на Македонија, новиот селектор Драган Бајиќ ќе го забележи вечерва, против Швајцарија.

БАЈИЌ: „Треба да одиграме без никаков притисок“!

Своето официјално деби на клупата на македонската репрезентација, новиот селектор Драган Бајиќ ќе го забележи вечерва, на дуелот против Швајцарија.

Нема да има воопшто лесна задача, пред се поради отсуството на дел од главните играчи во претходниот период.

Но, Бајиќ е извонреден стручњак, има големо искуство и секако знае како да излезе на крај со сите проблеми со кои се соочи на подготовките, а кои веројатно ќе излезат на површина во овој претквалификациски циклус.

„Дојдовме до почетокот на овој претквалификациски циклус. Морам да кажам дека забележувам мала доза на нервоза кај моите кошаркари што е и нормално ако се знае дека немавме голем број натпревари во овие подготовки.

Швајцарија е сериозен тим, со глава и опаш, имаа и промена на селекторската функција и промена на системот на игра. Ги краси сериозна агресивност, имаат напаѓачка формација, дисциплинирани се и знаат што прават. Ние имавме доволно време да се подготвиме за натпреварот, се надевам дека тим ќе одговори на моите барања и дека нема да недостасува енергија.

Им кажав на играчите дека ни пораз, ни победа нема ништо да одлучат, ни претстојат уште три натпревари и затоа се надевам дека добро ќе одговориме по она што го работевме за време на подготовките и дека на најдобар можен начин ќе ја претставиме Македонија.

Јас како тренер секогаш се подготвувам за првиот следен натпревар. Сега тоа е дуелот со Швајцарија, така што за Словачка уште не сум ни размислувал. Фокусот е ставен на првиот меч и тоа го барам и од кошаркарите“, рече Бајиќ непосредно по завршувањето на последниот тренинг во СЦ „Јане Сандански“ пред официјалниот почеток на натпреварите во ФИБА „балонот“