19.11.2020

Екипата од Тафталиџе без одмор, и со успеси, сега и на Балканот, во Скопје „падна“ и Берое (80:75)

Балкански „првенец“ за ТФТ

Кошаркарите на ТФТ не прекинуваат со изненадувањата, оние пријатните. Дебитантот во нашата Прва лига и новакаво балканската конкуренција, стигна до уште еден историски момент. Дојде и до првата официјална, меѓународна победа.

Во вториот, за нив, меч од БИБЛ лигата, „црно-белите“ успеаја во обидот да бидат подобра екипа од бугарскиот Берое.

ТФТ – БЕРОЕ      80:75

Иако „џрно-белите“ поведоа со (12:9) по четири минути од играта, во наредните четири останаа без ниту една реализација. Им дозволија на гостите од Стара Загора да направат една серија од (13-0) и да дојдат до двоцифрено водство (22:12).

Сепак Херис и Нури (со тројка) успеаја да ја преполоват таа негатива и по десет минути да биде „само“ (23:19) за Берое.

Бугарскиот преставник во БИБЛ го бранеше тоа водство се до 17.минута. А до финишот на втората четвртина успеа и да поведе. Домаќините заминаа со минимално водство на големиот одмор, (40:38).

Не се промени многу развојот на настаните во третиот дел од играта. ТФТ водеше, н се не поголема предност од неколку поени, која гостите успеаа да ја стигнат, но не и да направат пресврт. На истекот на четвртината домашната екипа имаше водство од три поени (57:54).

Со серија од (10-3) во првите четири минути од четвртата четвртина, ТФТ дојде до најубедливото водство, двоцифрено (67:57). Но упорната екипа од Стара Загора, не се предаваше. Се доближија до негатива од само три поени (66:69), и го натераа тренерот на домаќините, Боро Смилковски на уште една минута одмор, пред завршните четири.

Во вистински момент, младиот Сапунџиев „врза“ пет поени по ред, со кои донесе резултатска сигурност за својот тим (77:72), на 1:38 минута до крајот. Првиот балкански триумф за ТФТ, со тројка го завери Андерсон, за недостижни, (80:72).

А токму Андерсон со 24, и Херис со 35. поени беа креаторите на овој историски момент за екипата од Тафталиџе.