22.11.2022

Во финалниот ростер ќе ја нема ниту Едина Муса...

Без капитенот Митрашиновиќ против Белгија и Германија

Со вечерашниот тренинг реализиран во салата на СРЦ „Кале“, женската сениорска репрезентација на Македонија го затвори оној мини-циклус на подготовките за она што следува во наредните неколку денови.

Двата натпревари од вториот круг од квалификациите за пласман на Евробаскетот во 2023 година. Првиот, на 24. ноември (четврток) на гостински терен, против репрезентацијата на Белгија, и три дена подоцна, на 27. ноември, во Скопје, кога ја дочекуваме репрезентацијата на Германија.

По неколку одработени тренинзи, и официјализацијтата на здравствениот билтен во кој беше вклучена капитенот на нашата женска сениорска репрезентација, Анџелика Митрашиновиќ, селекторот Александар Ашаданов и неговиот асистент Атанас Димов го дефинираа и составот со кој ќе играме против фаворитот во групата „А“ од квалификациите за ЕП 2023.

„Денеска за прв пат работевме во комплетен состав, односно на тренинг беа и кошаркарките кои настапуваат во странство, односно со нас на утринскиот тренинг беа и Александра Стојановска, Нена Трајчевска, Ивана Кметовска и Матеа Николиќ. Во изминатите неколку дена се обидовме да поставиме некоја игра за она што ни следува. Но јасно е дека во тој наш систем на играње ќе треба да ги внесеме и овие четири кошaркарки. Немаме многу време, но она што го имаме ќе го искористиме за тактичка подготовка за средбата со Белгија“- вели селекторот Ашаданов, кој се соочи со голем проблем во пресрет на овој „прозорец“.

Имено, за двата натпревари со Белгија, потоа и Германија, нема да може да смета на капитенот Анџелика Митрашиновиќ, која има здравствени проблеми.

„За жал овие два натпревари ќе мора да ги играме без нејзината помош. Лекарските наоди покажаа дека Анџелика не е во можност да ги издржи напорите кои со себе ги носи патувањето за Ловен, и играњето на овие натпревари со сериозни ривали. Во тимот ќе ја нема ниту Едина Муса, со што во одредена мерка го намалуваме степенот на искуство во ростерот“ – потврдува Ашаданов за отсуството на две важни кошаркари од оној финален тим.

Затоа, на пат за Ловен, рано изутрина ќе тргнат 12. кошаркарки:

Нена Трајчевска, Александра Стојановска, Матеа Николиќ, Ивана Кметовска, Јелена Антиќ, Илина Селцова, Марија Димитријевиќ, Цветанка Димова, Сања Адамовска, Катерина Поп-Димитровска, Михаела Алексовска и Мерит Хемпе