Националната репрезентација во машка сениорска конкуренција в јуни (28.) ќе го одигра последниот натпревар од првата рунда претквалификации за Евробаскет 2021 против селекцијата на Швајцарија на гостински терен. На последниот натпревар од оваа прва фаза, во која имаме максимален учинок односно три победи на три натпревари, ќе бидеме ослабени во рекетот без услугите на двајца одлични кошаркари.
Љубомир Младеновски заработи скршеница, па ќе мора да отсуствува од кошаркарските терени и нема да биде во можност да му помогне на репрезентативниот состав во периодот што следи. Македонската кошаркарска федерација му посакува брзо заздравување и што побрзо враќање на терените.
Вториот кошаркар кој ќе изостане од репрезентативните активности е Ричард Хендрикс. Натурализираниот кошаркар во разговор со раководните структури на федерацијата посочи неколку приватни причини поради кои нема да биде во можност да и се приклучи на репрезентацијата во претстојниот период.
Се надеваме дека позитивната страна на оваа незавидна ситуација ќе биде шансата на младите таленти на Македонија да се истакнат и да дојде до израз нивниот талент. Секако, Македонската кошаркарска федерација, ќе мора да ги разгледува и сите можни опции доставени од некои странски менаџери и клубови за врвни играчи на таа позиција поради возраста на Ричард Хендрикс кој во блиска иднина ќе стави и крај на репрезентативната кариера.
Остануваме со позитивни мисли насочени кон последниот натпревар на кој се надеваме дека ќе го завериме првото место на табелата во групата А и ќе прејдеме во втората фаза од претквалификациите за Европското првенство закажано за 2021 година.