Со одигрувањето на дуелот во Пловдив, помеѓу екипите на Академик и Хапоел Холон, и официјално заврши оној регуларен дел од Балканската лига.
За жал ниту еден од двата македонски претставници не успеа да обезбеди место на завршниот турнир во ова балаканско натпреварување.
Екипите на ТФТ и на Куманово 2009 со скор (0-4) завршија како третопласирани во втората фаза од лигата на Балканот. Недоволно за место на „Фајнал-форот“.
Затоа пак ќе остане запишано дека екипата на ТФТ има два свои претставници на листата на најдобрите индивидуални остварувања.
Тај Херис го заврши својот настап во БИБЛ како втор асистент во лигата. Американскиот бек на „црно-белите“ оствари просечни 7.5 асистенции по натпревар. За нијанса послабо во однос на лидерот Валтер Лемон кој има 7.7 успешни додавања.
Освен тоа, Лаклан Андерсон е петти стрелец во БИБЛ. Австралискиот шутер на ТФТ во просек реализираше по 20.3 поени на листата на која води Џозеф Александер (Ирони Нахарија) со просечни 21.5 поени на натпревар.