Не им појде од рака синоќа на кошаркарите на ТФТ, го сторија тоа вечерва кошаркарите на Куманово.
„Сино-белите“ ја најдоа „добитната комбинација“ како да се победи досега непобедливиот состав на Академик од Пловдив.
А „сценариото“ беше доста едноставно. Да се направи разлика, поголема од 20.поени во исто толку минути од играта. И истата да се сочува во оние „втори 20“, односно второ полувреме.
Се заедно, доволно за втор балкански успех во четири одиграни мечеви и половичен ефект (2-2)
КУМАНОВО – АКАДЕМИК ПЛОВДИВ 86:71
По шест и пол минути од првата четвртина, Куманово стигна до двоцифрена предност од (20:10), која со девет поени ја креираше Марковски.
Но гостите веднаш одговорија. Со своја серија од (8-0) за намалување на водството на Куманово на само два поени, (20:18). Но втората тројка на Марковски и играта „два плус еден“ на Рос, ги вратија кумановци на солидни (27:20) на истекот на првиот период во кои Американецот се “вгради“ со девет поени.
Непобедливиот Академик беше предизвик и мотивација за Куманово. Тоа беше забележливо и во втората четвртина. Ја отворија со убава серија од (12-0) за највисоки (39:20) кои го натера тренерот на гостите да земе тајм-аут по нецели четири минути, празни за Академик, во кои останаа без даден поен од игра.
Таа одлична четвртина кумановци ја затворија со уште поголема предност. На одмор заминаа со залиха од дури 22.поени (53:31). Во најголема мерка по заслуга на Марковски кој застана на бројката од 20.реализации, 12 имаше незаменливиот Рос (ги одигра сите 20.минути). Трет „двоцифрен“ во домашниот тим беше Робев, уфрли 10.
Една од основните причини за високото водство освен одличната реализација од 77.8% за два поени и соро 39% за три, беа и двојно повеќе загубените топки на Академик. Екипата од Пловдив направи дури 15 грешки, наспроти осумте на Куманово.
Се обидуваа гостинските кошаркари да направат пресврт, налик нешто на оној една вечер порано во СРЦ „Кале“. Но пред себе имаа многу мотивирана екипа која знаеше, пред се добро да се брани, барем во тој трет дел од играта во кој анулираа само четири поени од големата негатива, (68:50).
Кумановци имаа еден мал пад во играта во последниот дел, во кој Академик беше нешто „поблиску“ до едноцифрена негатива (62:75). Но, Марковски со својата петта тројка на мечот, го одби тој обид на лидерот во БИБЛ лигата. Куманово имаше водство од (82:67), која ја сочуваа до крајот на натпреварот.
Наредниот во балканската конкуренција, Куманово ќе го игра на 23. декември, кога ќе му гостува на Ибар во Рожаје.