Уште само три натпревари треба да се доиграат во првата фаза од БИБЛ лигата. А еден од нив ќе биде одлучувачки. Ќе го даде и четвртиот учесник во новоформираните две групи во регионалното натпреврување.
Еден од нив е и натпреварот кој на 2. февруари ќе се игра во Скoпје, а во кој екипата на ТФТ ќе го пречека Ибар од Рожаје.
На „црно-белите“ им е потребна било каква победа во дуелот со црногорскиот претставник. Со евентуален успех, ТФТ би имал скор од четири победи и шест порази. Или идентичен со оној на екипата на Теодо која веќе ги заврши натпреварите. Но ТФТ има подобар меѓусебен скор во однос на тимот од Тиват (домашна победа од 18.поени и гостински пораз изразен со 15.поени негатива).
Втора и дефинитивно, непосакувана варијанта е доколку ТФТ го загуби овој натпревар со Ибар. Во тој случај тимот од Тафталиџе би имал ефект (3-7), и во следниот круг од натпреварите оди Теодо (скор 4-6).
Со еден збор, само екипите на ТФТ и на Теодо имаат шанси да се квалификуваат за наредната фаза во БИБЛ лигата, затоа што Ибар не може да го достигне ефектот на една од овие две екипи.
По синоќешната победа над Ибар, екипата на Куманово 2009 стана третиот учесник во втората групна фаза.
Од порано, својот пласман и загарантирани средби со некој од израелските претставници Хапоел Гилбоа Галил и Хапоел Холон, обезбедија двата бугарски претставници, Академик од Пловдив и Берое од Стара Загора.