Во рок од три дена, кошаркарите на Навико Академија ФМП го одиграа и вториот, инаку претпоследен меч за нив, во балканската лига.
Вечерва гостуваа во Софија, играа против екипата на Левски. Имаа негатива од дури 15 поени на полувреметот (34:49). Ни не се предадоа, напротив. Одиграа одлично второ полувреме во кое стигна до првиот, за клубот, историски триумф во Лигата на Балканот. Секако ако не се земат в предвид оние поништени резултати во дуелите со Куманово 2009 во првиот дел од регионалното натпреварување.
ЛЕВСКИ – НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП 81:84
Одличен почеток имаа популарните „левскари“ на вечерашниот меч во софиска „Универзијада“. Особено добро одиграа во офанзивата кошаркарите на Левски во првите десет минути, во кои уфрлија дури 30.поени. И запишаа убедливо водство на истекот на првата четвртина (30:18).
Многу подобро одиграа кошаркарите на нашиот претставник во вториот период. Но избраниците на тренерот Александар Петровиќ не успеаја да направат резултатски пресврт. Левски ја доби и таа четвртина со (19:16), доволно за да има убедливо водство (49:34) на полувремето.
Или 20.минути во кои одлично одработе домашниот „трилинг“ Костов-Радиќ-Литл кој искомбинира 38. од тие 49. поени. Во гостинската екипа пак Ајви реализира 14.поени, го следеше Крстајиќ со 10.
Третата четвртина беше и најдобрата во играта на „лавовите“ од Кисела Вода. Десет минути во кои направија вистински играчки, и што е поважно, резултатски пресврт. Негативата од 15. поени со која влегоа во вториот дел од мечот, ја претворија во минимална позитива. Ја добија третата четвртина гостите со (27-12) и си создадоа прилика за победа.
Поведоа со (61:59).
Нерешено, (70:70) беше и на четири минути пред финалето на овој возбудлив натпревар во Софија. Со „два плус еден игра“, на две минути до крајот, Ајви донесе водство за Навико Академија ФМП (75:74). Минута подоцна, американскиот бек донесе уште повисоки (77:74). И тајм аут за кој го повика стручниот штаб на Левски.
Во преостанатите 63 секунди, Литл го врти Левски во игра, за (76:77). Но следуваше тројката на Бакоч, која го одлучи мечот. Гостите имаа (80:76), кои од линијата за слободни фрлања ги одбрани Били Ајви, најдобриот актер на средбата. Стрелецот на 29.поени за Навико Академија ФМП. Крстајиќ го следеше со 17, додека пак по 11. реализации имаа Бакоч и Тодоровски, доволно за првиот балкански триумф.
Последниот меч во оваа регионална конкуренција екипата од Кисела Вода ќе го одигра на 25. јануари. На домашен паркет, против екипата на Балкан од Ботевград, по што до крајот на оваа сезона, ќе продолжи на домашен колосек.