11.01.2022

„Црно-белите“ направија феноменални (8-0) за само 60 секунди, доволни за конечни (87:83) и успешен старт во 2022 година

БИБЛ ЛИГА: Пеколна последна минута на ТФТ за победа над Ибар

Кошаркарите на ТФТ го имаа тоа задоволство да го одиграат првиот официјален натпревар на македонската кошаркарска сцена во 2022 година. Оној во рамките од БИБЛ лигата, против екипата на Ибар од Рожаје.

Вечерва во СРЦ „Кале“ се одигра доста изедначен дуел во кој на крајот победи екипата на ТФТ.

ТФТ – ИБАР        87:83

Се чини дека паузата во оваа сезона, која беше најкратка за кошаркарите на ТФТ, најмногу му годеше на Ландриус „Зое“ Хортон. Одигра Американецот неверојатно за тимот од Тафталиџе на премиерниот меч во новата календарска година.

По три одиграни четвртини во кои неговиот тим водеше со (69:63), имаше неверојатна шутерска изведба. Реализираше 31.поен, имаше неверојатни, но вистинити 8/9 во шутот за три поени, но и седум скока и четири асистенции, со кои беше далеку напред во однос на ефектот на сите други актери на премиерниот меч во 2022 година.

Но, неговите индивидуални карактеристики не беа гаранција за победа, затоа што гостите од Црна Гора долго време беа рамноправен ривал.

На нецели шест минути пред крајот, Ибар стигна до само „половина поен“ негатива (73:74). За разлика од гостинскиот, во тие 35 минути, во нашиот тим освен Хортон, двоен број на поени впиша само уште Бишоп (десет).

Но тоа не беше се, затоа што во финишот на натпреварот, гостите стигнаа до вистински пресврт. Во финалната минута влегоа со предност од четири поени (83:79). Но, и тоа нивно водство се покажа како недоволно за конечен успех.

Неверојатни 60.секунди одиграа домашните кошаркари...

Прво Хортон намали на (82:83), а потоа со тројка, на 12 секунди пред крајот, Бишоп донесе водство за ТФТ, (85:83). Возбудувањата продолжија со двете нереализирани слободни фрлања на Симовиќ, а потоа и блокадата на Маслинко, по која Костоски со реализација на двете слободни фрлања го постави конечниот резултат.

Доволен за четвртата победа во осум одиграни мечеви во регионалното натпреварување.