28.10.2021

Израелскиот тим слави сигурен триумф и против Куманово 2009 (96:87). Симултанката на Ненад Зивчевиќ остана без краен ефект

БИБЛ ЛИГА: По Скопје, Хапоел Галил Елион го освои и Куманово

Втор натпревар и втор пораз за кошаркарите на Куманово 2009 во новото издание на Балканската лига. Уште еднаш на домашен терен, вечерва подобри од нив беа кошаркарите на Хапоел Галил Елион.

КУМАНОВО 2009 – ХАПОЕЛ ГАЛИЛ ЕЛИОН  87:96

Една силна четвртина беше доволна за кошаркарите на Галил Елион да ја преземат котролата на овој меч. Во почетните десет минути остварија двојно поголемо водство од (26:13), кое со сигурна игра го одржуваа во продлжението на играта.

На полувреме, израелскиот состав беше на уште поголема рзлика, водеше со (48:34). Ненад Зивчевиќ со 13 поени беше прв стрелец во домашниот тим, и воопшто на теренот во првото полувреме. Ике Ироегбу даде два помалку на спротивната страна.  

Резултатски, потполно рамноправни беа кумановци во вториот дел од играта. Не дозволија противникот да направи уште поглема разлика од онаа по 20.минути од играта. На -10, односно (57:67) беа во 29.минута. Но не направија уште посериозен чекор за целосно враќање во натпреварот. Но освен Холмс, и донекаде Глигоријевиќ, искусниот Зивчевиќ немаше поголем број на расположени, барем за поентирање, соиграчи.

По неговиот 30.поен, на две минути пред крајот, Куманово 2009 се спушти на едноцифрен минус (82:91). Но остана премалку време за дефинитивно враќање.

Во наредниот период, кумановци ги чека мини гостување, односно двојна програма во Бугарија. Прво, на 9.ноември играат против Балкна во Ботевград, а два дена подоцна, во Софија, домаќин им е екипата на Левски.