Серијата од (13-0) која ја направија играчите од Тиват во последните четири минути, беше кобна за кумановци, (78:83).
Кошаркарите на Куманово го одиграа третиот натпревар во Лигата на Балканот. По двата одиграни мечеви со вториот македонски претставник, екипата на ТФТ, „сино-белите“ за прв пат во оваа сезона ги одмерија силите со екипата на Теодо од Тиват.
Засилени со Ненад Зивчевиќ, но не и Еди Синадиновиќ, кој кариерата наместо во Куманово ќе ја продолжи во Естонија, кумановци загубија од црногорскиот претставник, екипата на Теодо од Тиват.
Откако во осум минути од играта, резулатот беше нерешен (17:17), гостите од Тиват направија серија од (7-2) со која поведоа (24:19), за првата четвртина да ја решат во своја корист со (26:23), благодарение на одличниот индивидуален ефект на Булатовиќ, кој веќе имаше 11.реализации.
Или една повеќе во однос на Андрејевиќ. Стартниот центар на Куманово имаше десет.
Тоа водство Црногорците упорно го чуваа, и на полувремето имаа слична позитива (45:41).
Дека овој меч ќе биде доста израмнет, покажа и третата четвртина во која ниту една од двете екипи не направи голема резултатска предност. Рос поентираше за нерешени (62:62) со кои се влезе во онаа четвртина на одлука.
Токму неговата серија продолжи и во решавачките минути. А по тројката на новакот Зивчевиќ, на 6:44 минути пред крајот, Куманово поведе со (70:64). Некоја минута подоцна, по слично „сценарио“, Куманово беше и на плус од 8 поени (77:69).
Но гостинската екипа не се откажа, се врати со серија од шест поени, за и тоа како достижни (75:77), на две минути пред истекот на регуларните 40.
Во следниот напад, добро познатиот во македонската кошарка, Марко Мијовиќ, донесе и израмнување (77:77), па победникот се решаваше во 95. секунди.
Грешката на Рос со тројка ја казни Вујиновиќ за гостинската серија да биде (10-0). Со нова тројка, овојпат од Кусовац, за (83:77), Куманово ги загуби сите шанси за успех.
Со 23.поени, Рос беше најефикасниот играч на Куманово, Андрејевиќ додаде 18 (плус и осум скока), а Зивчевиќ имаше 13. поени во својот премиерен настап за новиот клуб.
Согласно со распоредот во оваа регионална лига, следниот натпревар на Куманово е закажан за 18. декември, кога на гости им доаѓа екипата на Академик од Пловдив.