Пеколното темпо за кумановци веќе започна со дуелот против Ибар, а продолжува веќе во текот на оваа седмицз ги очекуваат уште две балкански битки. Двете во Бугарија, на 13. јануари гостување во Пловдив и меч против Академик, а ден подоцна, на 14. јануари, натпреварот против Берое во Стара Загора.
Kумановци велат, простор за калкулирање нема, на секој натпревар ќе се оди на победа.
„Густиот распоред е добредојден за нас, затоа што ќе можеме да ја видиме вистинската слика, вистинските можности на екипата. Се надевам дека повеќе нема да имаме проблеми со вирусот. Дека ќе бидеме здрави и дека ќе нè одминат повредите. Најважно е да фатиме континуитет и да почнеме да играме кошарка. Калкулирање нема да има бидејќи јас како тренер и Куманово како тим секогаш одиме на победа. На секој натпревар влегуваме мотивирано и со цел да го дадеме максимумот. Имаме 12 кошаркари и можност да се справиме со густиот распоред. Ќе ја поделиме минутажата. Секој играч да одигра по 20 минути на еден одреден меч, што воедно е и еден посилен тренинг“ – вели младиот стратег на екипата на Куманово.
А во среда навечер (19.30 часот), во СРЦ „Кале“, својот прв натпревар во 2021 година ќе го одиграат и кошаркарите на ТФТ.
Скопските„ црно-бели“ го пречекуваат црногорскиот претставник Теодо, во обид да го поправат актуелниот скор во БИБЛ лигата (2-6), и да дотуркаат до место кое води во вториот круг од натпреварите.
„Од некој спортски инает, се надевам на позитивен исход во БИБЛ и со некој расплет и со две победи во останатите натпревари, да одиме во наредната фаза каде има екипи од Израел“- се надевар тренерот на ТФТ, Боро Смилковски. „Задоволни сме од она што го имаме, сакаме и младите македонски играчи да ги ставиме во фокус, да дадат некоја ролја во тимот и во наредниот период да имаме уште некое име“- додава Смилковски пред првиот предизвик во новата календарска година.