10.12.2020

На второто, по ред, гостување во Бугарија, во рок од три дена, втор пораз за скопските „црно-бели“, сега од Академик (80:75)

БИБЛ ЛИГА: ТФТ имаше свои шанси, но Академик останува стопроцентен

Во рок од три дена, кошаркарите на ТФТ го одработија оној„бугарскиот дел“ од гостувањата во рамките на Балканската лига.

По одигрувањето на дуелот со Берое во Стара Загора, вечерва, дебитантот во ова натпреварување имаше гостување и во Пловдив, против екипата на Академик.

И уште еднаш загубија, трет пат во пет одиграни натпревари. И сите три порази се запишани на гостински терен во оваа регионална лига.

АКАДЕМИК-ТФТ    80:75

По не баш ефикасната прва четвртина (16:14), гостите од Скопје беа првата екипа која стигна до првата поголема предност. По нецели четири минути игра од втората четвртина, ТФТ водеше со (26:19).

Но за кратко, затоа што Академик врати брзо, со серија од шест поени (25:26),  го натера тренерот Смилковски да потроши минута за одмор и совети, како понатаму.

Не помогнаа премногу, барем не до истекот на првото полувреме. Тимот од Пловдив ја продолжи серијата и премина во водство, (27:26), кое домаќините го зголемија и на (32:27), по серијата (13-1).

Но Андерсон, Смит и Николов не дозволија таа разлика да биде уште повисока. Полувремето во Пловдив ривалите го дочекаа со резултат (36:34) во корист на домашната екипа.

Период од играта во кој Тај Херис реализираше десет, а Андерсон девет поени кај гостите, додека Николов исто така имаше двоцифрен број на поени – 10.

Израмнет беше натпреварот во комплексот „Сила“ во Пловдив и во првите пет минути од третата четвртина. Академик имаше половина поен „вишок“ (42:41). Но пред истекот на четвртината, домашната екипа одново беше во плус. Но сега со највисоки девет поени разлика, (56:47), како што и беше по 30.одиграни минути.

Со мини серија од (7-2), ТФТ одново се врати во игра за добар резултат на ова гостување. Намалија скопјани на (54:58), за домашен „тајм-аут“, на 8:13 минути пред крајот. Но тоа беше премалку од ТФТ, затоа што Академик возрати веднаш, и дојде и до двоцифрена предност, (69:59), која ја имаше во 35.минута. ТФТ уште еднаш намали на достижни (65:69), кога ссоема непотребно реагираше Херис. Доби „техничка“, а Академик одново се одвои на комфорни (74:67). Пред последните 120.секунди од играта во кои нашиот претставник само ја намали таа недостижна негатива.

Причините ќе ги (по)бараат во катастрофално лошиот шут. Особено на нивниот прв шутер Лаклан Андерсон (4/21 од поле). А посебен дел од оној од линијата за слободни фрлања. ТФТ не реализира дури десет од 24. „пенали“.

Распределбата на поените вели дека Херис заврши со 24.поени, Хортон имаше 18, Андерсон 15, а Смит уште 10.поени во нашиот тим.

За една недела, на 17. декември, двете екипи ќе играат уште едне натшревар, но во СРЦ „Кале “ во Скопје.