09.11.2021

По Академик, „црно-белите“ беа подобри и од Берое (96:86)

БИБЛ ЛИГА: ТФТ ја освои и Стара Загора

Со максимални две победи во два натпревари се враќаат кошаркарите на ТФТ на мини турнeјата во Бугарија. По успехот остварен пред 24. часа во Пловдив, вечерва, избраниот тим на тренерот Боро Смилковски беше подобар од Берое.

БЕРОЕ – ТФТ      86:96

Во водедните десет минути на дуелот во Стара Загора, ниту една од двете екипи не се стекна со некоја „опиплива“ предност (Берое имаше минимални 22:20). Работите почнаа да се менуваат во втората, кога нашиот претставник заигра уште подобро во нападот, и до полувремето обезбеди разлика од девет поени (47:38).

Не се задоволија со тоа гостите, притиснаа уште повеќе по паузата од 15.минути. Делуваа сигурно во напаѓачките активности што беше и евидентирано во резултатот. По три периоди, ТФТ веќе беше на недостижни (75:58). И иако попуштија малку во офанзивата во последните десет минути, таа позитива беше доволна за трет успех во регионалното натпреварување.

Дури шестмина гостински кошаркари ја надимнаа границата од десет поени. Со 16, ги предводеше повратникот во екипата од Тафталиџе,Тајрон Харис. По 15. реализираа Костоски, Маслинко и Бродвеј.

Сосема солидно беше и изданието на младите, во прв ред на Ташовски кој уфрли 12, и Николов кој заврши со 11. реализирани поени.

Со овие два триумфи во серија, ТФТ стигна до ефект од три победи и два порази со кои му се доближи на лидерот во групата „Б“ од БИБЛ лигата, Академик (ефект 4-1). А наредниот меч за ТФТ е на 1. декември, кога ќе му гостуваат на Ибар во Рожаје.

ФОТО: Никола Спасеноски