17.12.2020

Скопските „црно-бели“ прокоцкаа предност од 20.поени од полувремето, ги стигна казна во екстра периодот од пет минути (102:104).

БИБЛ ЛИГА: ТФТ од плус 20, до продолжение, и пораз од Академик

Кошаркарите на ТФТ не успеаја во обидот да му се реваншираат на Академик за поразот во дуелот одигран пред една седмица во Пловдив.

Имаа „добитна комбинација“, водство од 20.поени на полувремето (60:40). Но и тоа не им беше доволно за нов балкански успех. Херис го одведе натпреварот во продолжение, но во него „црно-белите“ останаа покуси за два поени...

ТФТ – АКАДЕМИК ПЛОВДИВ    102:104

Неверојатни четири минути одиграа кошаркарите на ТФТ. Оние последните од првата четвртина. Од минимална негатива (11:12), со ретко видена серија во која главна улога имаше Тај Херис кој пободи пет тројки, од (24-9), „црно-белите“ стигнаа до предност (35:21) на истекот на првиот период.

Херис имаше 17, а вториот поентерски адут на скопјани, Андерсон уште 11.поени од тие 35 на нашиот претставник во БИБЛ лигата.

Она што го започнаа од 6.минута на играта, домашните кошаркари го продолжија и во втората четвртина. Од минута во минута го зголемуваа водството, кое во 16. минута веќе беше повисоко од 20.поени (51:29), потоа и (58:36).

Интересно, снајперскиот двоец Херис-Андерсон веќе си поделија по 20.поени. Комбинирано имаа 11. уфрлени тројки, со неверојатен процент на реализација, 11/14 од таа позиција.

До полувремето, двете екипи дојдоа до „стотката“. Но една „шестина“ од дадените поени – 60, беа дело на кошаркарите на ТФТ за плус 20, (60:40).

Многу поразлично се одвиваа работите на паркетот во третиот период. Оној во кој гостите од Пловдив ја „пронајдоа“ својата игра. Како на теренот да истрча некоја сосема поинаква екипа од онаа во првото полувреме. Во седум минути, Академик ја сведе високата негатива на едноцифрена, достижна (62:70), парцијално (22-10) за „академиците“.

Кризата во играта ја запре, со тројка, еден од најмладите во составот на ТФТ, Александровски, а Андерсон ја врати предноста на двоцифрена. По три четвртини, онаа од полувремето беше двојно намалена, за десет поени (77:67).

Без нималку одмор продолжија да играат, и да погодуваат Херис и особено Андерсон, кој стигна и до бројката од 30. реализации. Но упорните гости уште еднаш се спуштија на достижна негатива. Беа во минус од само три поени (85:88) на 03:10 минути пред крајот.

Знак за тревога, и тајм-аут на ТФТ.

Без ефект, затоа што Николов со тројка донесе нерешен резултат (88:88), а имаше да се играат повеќе од две минути, поточно 02:34.

Академик дури имаше и водство (90:88) на влезот во последната минута. Го поништи Херис, за (90:90). ТФТ беше пред пораз, затоа што по поените на Сотиров, на 12.секунди пред крајот, Академик имаше добитни (93:90).

Но крај е кога ќе каже Тај Херис. Со звукот на сирената, неверојатниот бек на ТФТ погоди тројка за (93:93), и продолжение од пет минути. Во слична ситуација беше ТФТ и во екстра периодот. На шест секунди пред крајот, имаа негатива од два поени (102:104), и тајм-аут. Но нивниот најдобар стрелец, Лаклан Андерсон не го погоди шутот за победа. Неговиот обид за три поени остана на обрачот, а победата му припадна, на големо изненадување, на Академик.

Следниот балкански предизвик за тимот од Тафталиџе е на 22. декември, во Тиват, каде му гостуваат на црногорскиот Теодо.