Kошаркарите на ТФТ ја поминаа првата фаза од Балканската лига, но по поразот во вечерашниот дуел на домашен терен од бугарскиот Балкан, се многу далеку од амбициите да го поминат и вториот круг...
ТФТ – БАЛКАН 82:97
Доста израмнет беше натпреварот во СРЦ „Кале“ во првото полувреме. Гостите од Бугарија беа за малку подобри во првата четвртина во која остварија предност од два поени (25:23).
Слично се одвиваа работите и во втората. Ниту еден од противниците не успеа да обезбеди некое повисоко водство. Гостите од Ботевград имаа предност од пет поени (39:34) во средишниот период од четвртината.
„Црно-белите“ успеаја да се вратаг во третиот дел од играта, кога дури и поведоа (59:57). Но одново уследи пад во играта, и во последните десет минути не успеаја да го издржат ритамот од претходните десет, што упорниот противник знаеше да го искористи и да стигне до победата, за нив трета во четири одиграни средби од втората фаза на БИБЛ лигата.
ТФТ е последен во групата „Ц“ со ефект (0-3), а на 24. март, повторно во Скопје, во натпревар од 4. коло од регионалното балканско натпреварување, ќе го пречека израелскиот претставник, екипата на Макаби Хаифа.