02.12.2020

Лоша втора четвртина на „црно-белите“, и пораз на гостувањето во Рожаје (79:96)

БИБЛ ЛИГА: ТФТ сопрен од Ибар

По четири одиграни натпревари, кошаркарите на ТФТ имаат половичен ефект во Лигата на Балканот (2-2).

Ја расипаа онаа одлична слика градена на претходните два натпревари во регионалното натпреварување на Балканот.

На својот прв меѓународен натпревар одигран надвор од границите на нашата земја, запишаа пораз. На гостувањето во Црна Гора, подобра од нив беше екипата на Ибар.

ИБАР – ТФТ        96:79

По нецели пет минути игра во првата четвртина, Ибар стигна до сосема солидно водство од девет поени (13:4). Но до крајот на првиот период екипата од Скопје успеа да ги консолидира своите редови. И серија од (15-4) направи пресврт.

Поведоа „црно-белите“ со (19:17) на истекот на првата четвртина од ова нималку лесно гостување во Рожаје. Период од играта во кој Тај Херис имаше девет реализации, а ТФТ не баш висок процент на реализација во шутот за три поени. Делумно анулирано со 69.2% во обидите вредни по два поени.

Во сличен стил, нашиот претставник, слабо, ја отвори втората четвртина. Во неполни четири минути, ТФТ влезе во двоцифрена негатива (25:35), што го примора нивниот тренер да побара тајм-аут.  

Не помогна ниту тоа. ТФТ ја загуба својата препознатлива игра, пред сè во нападот, иако доста работи „шкрипеа“ и во дефанзивата.

Во наредните четири минути од играта домаќините ја пролонгираа својата серија на реализации. Стигнаа до плус од дури 20.поени (50:30), како што на семафорот стоеше во 19.минута.

Тоа, очајно слабо, прво полувреме тимот од Тафталиџе го заврши со идентичен резултат, со минусни 20.поени (34:54). „Благодарение“ на слабата дефанзива, на противникот му дозволија да даде неверојатни 37.поени во втората четвртина. Најголем дел од нив дојдоа од Хот (18), кој погоди четири тројки (од пет обиди), Цициќ (11) и Симовиќ (10.поени).

Освен Херис, кој уфрли 12.поени, кај ТФТ немаше и друг расположен поентер во тоа полувреме за заборав.

Навистина, во третата чевртина , избраниците на тренерот Боро Смилковски ја поправија оценката за „уметнички впечаток“. Одигра одлично, посебно во офанзивата. Поентерски расположениот Тај Херис доби помош во поентирањето од Шелман и Хортон.

А ТФТ даде 29. поени, скоро колку во цело прво полувреме.

Но тоа беа, за жал, и најдобрите десет минути од играта на ТФТ на првото „излегување“, надвор од границите на Македонија.

Оној краен впечаток е дека ншиот претставник во Балканската лига можеше и поодбро, многу подобро во овие 40.минути во Рожаје.