13.01.2021

До третата победа (104:86), екипата од Тафталиџе дојде во свој стил, со висок процент на реализација во шутот од далечина

БИБЛ ЛИГА: ТФТ убедлив против Теодо, за задржување на теоријата

Кошаркарите на ТФТ имаа успешен почеток на 2021 година. Во натпревар кој мораше да го добијат, ако е можно со што повисок кош-количник, „црно-белите“ успеаја во тој обид.

Го совладаа Теодо од Тиват, се радуваа по трет пат во девет одиграни натпревари, и што е поважно ја сочуваа теоријата за пласман во втората фаза од натпреварите во БИБЛ лигата.

ТФТ – ТЕОДО          104:86

Најмладиот во составот на тренерот Смилковски, Андреј Митровски се врати со одлични 13.поени во првото полувреме. Заедно со Taj Херис (реализираше 12.поени), младиот репрезентативен бек беше творецот на водството, двоцифрено (51:40), по истекот на првото полувреме.

Имаа пет од осумте тимски тројки на ТФТ во првиот дел од играта на средбата во СРЦ „Кале“ во која тимот од Тафталиџе беше пред победнички императив.

Домашниот тим продолжи со ефикасната игра и во третата четвртина. Во 27.минута имаше уште повисоки (67:51). Период од играта во кој поентерска поддршка дадоа и Лаклан Андерсон и Амир Смит.

А кога ТФТ погодува со 54% на успешност во обидите за три поени, тешко дека и некоја подобра екипа од Теодо вечерва ќе сметаше на успех во Скопје  

Ова беше дури деветтиот меч за ТФТ во Балканската лига. Им останува уште еден во првиот круг од натпреварите, против екипата на Ибар, закажан за 2.февруари, исто така во Скопје.