Тешко им оди на кошаркарите на ТФТ во БИБЛ лигата, особено кога играат на гостински терен. Ако минатата недела релативно лесно загубија од Ибар во Рожаје, вечерва „црно-белите“ делуваа уште побледо на гостувањето во Стара Загора.
Засега најдобрата екипа во БИБЛ конкуренцијата, стигна до повеќе од убедлив триумф, за нив петти во Лигата на Балканот, за потврда на првата позиција на табелата со максимален ефект.
БЕРОЕ – ТФТ 108:73
Во ниту еден момент македонскиот претставник не покажа дека досегашните две победи не биле продукт на случајноста. Од самиот почеток на средбата во Стара Загора, Берое воспостави и играчка и резултатска доминација.
Фактот дека во првата четвртина избраниците на тренерот Боро Смилковски дозволија противникот да реализира дури 34. поени, (дадоа 25), доволно говори за односот кон дефанзивните обврски кои ги имаше гостинската екипа.
До полувремето, Берое уфрли дури 60. поени, и имаше уште поубедливо (60:46).
Наместо подобро, по одморот, „црно-белите“ делуваа очајно. А противникот знаеше тоа да го искористи во целост. Да креира неверојатни (29:8), но вистинити (89:54) по три одиграни периоди.
Оној последниот беше само колку да биде одработен и да се стигне до официјалниот резултат, крајно неповолен за ТФТ, екипа која за две вечери има уште едно нималку лесно гостување. Она во Пловдив, каде ги чека средбата со Академик.
Поединечниот ефект вели дека Тај Херис со 20.поени, беше најдобриот стрелец на ТФТ, а дека уште тројца играчи, Митревски Андерсон и Хортон запишаа по десет.
Ако воопшто може да се коментира по еден ваков негативен резултат.